Како да препознаете дека некој манипулира со вас

137

manipulacija

Фото: Pixabay

Никогаш не можете да бидете сигурни во намерите на луѓето. Понекогаш и пријателот од којшто не сте очекувале никакви непријатни изненадувања може да ви приреди неочекуван шок.

Иако манипулаторите знаат како да ги прикријат своите намери, постојат неколку знаци што ќе ви помогнат да ги препознаете.

Скриен негативец

Доколку некоја личност којашто е многу блиска со вас кажува лаги за други луѓе, има негативен став за многу работи и шири непроверени информации, голема е веројатноста да станува збор за манипулатор. Овие луѓе се индивидуалисти и мислат дека се попаметни и подобри од останатите, па оттаму и потребата да се истакнат себе си. Ако забележите дека вашиот пријател, познаник, бизнис партнер постојано ги преиспитува способностите, интелигенцијата и карактерот на останатите, најверојатно истото ви го прави и вам зад грб.

Брзи на зборови, побрзи на дела

Манипулаторот ќе се обиде на најбрз можен начин да влијае на вашите емоции со постојани пофалби и прашања упатени кон вас, со цел да ја заслужи вашата доверба. Еден од најлесните начини да ги откриете манипулаторите е ако забележите загриженост на нивното лице, која честопати тешко ја контролираат.

Ако не се согласувате со нивните ставови и размислувања, тие уште пожестоко ќе се обидат да ве предомислат со тоа што ќе ве убедуваат дека ви го посакуваат само најдоброто. Затоа доколку се посомневате дека пред вас стои манипулатор, предложете му/и нешто поинаку и внимавајте на реакцијата. Негативните емоции не се добар знак.

Игра на емоции

Најсилното оружје на манипулаторите е емоционалното, односно психичкото заведување. Ги користатат вашите најизразени емоции, со цел да извлечат само нешто што ќе им користи. Околу себе собираат личности кои можат да ги контролираат било да е тоа преку емотивна врска, пријателство или деловно партнерство.

Манипулаторите ќе ви го кажат тоа што сакате да го чуете, а за другите кои им стојат на патот на остварување на целите, ќе зборуваат само негативни работи. Секако тие негативни работи ќе бидат вешто спакувани, за да се сложите со нив, а притоа и самите да не знаете зошто.

Исто така овие луѓе можат да ве направат негативец во секоја дискусија и тоа за многу кратко време, до тој степен што и вие ќе поверувате во тоа и ќе почнете да ги преиспитувате своите постапки и да се извинувате за своите дела, иако реално не сте направиле грешка.