Не можеме да зборуваме за силна Европа со слаб буџет, вели Мицотакис

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис денес изјави дека Грција нема да прифати понатамошни намалувања на земјоделските средства и кохезиските фондови, нагласувајќи ја потребата од постигнување договор за европскиот буџет на декемврискиот самит на ЕУ.

По пристигнувањето на вонредната седница на Европскиот совет во Брисел, каде што започнуваат тешките преговори за европскиот буџет за следните седум години, Мицотакис постави конкретна временска рамка за постигнување договор, нагласувајќи дека е политички императив да се најде конечно решение на декемврискиот самит, пренесува Прототема.

Во спротивно, како што предупреди тој, политичките случувања во неколку европски земји практично ќе го оневозможат постигнувањето политички договор во првата половина од 2027 година.