Како да препознаете квалитетно маслиново масло?

368

Фото: Pixabay

Најдобрите видови на маслиново масло се добиваат со едноставно гмечење и филтрирање на здрави маслинки, при што содржината на лековити состојки останува максимално сочувана.

Овој вид на масло мора да задоволува одредени стандарди и барања и не смее да содржи повеќе од 0,8 грама слободни масни киселини изразени како олеинска киселина на 100 грама масло. Маслиновото масло со ознака “екстра вирџин“ е најквалитетен вид, бидејќи се добива директно од маслинките, пишува Gospodarski list.

Постапката “ладно цедење“ покажува дека маслиновото масло е добиено на температура на преработка пониска од 27 степени Целзиусови со процедување или центрифугирање на маса од маслинки.

Квалитетното маслиново масло би требало да има мирис и вкус на лист или плод од маслинка. Вкусот на маслото може да потсетува и на артичока, зелена јаболка или трева. Според експертите, пожелно е да биде малку пикантно или благо – горчлив вкус што се чувствува.

За да се зачува квалитетот на маслиновото масло, треба да се обрне посебно внимание на начинот на чување. Пред сè, треба да се преферираат масла што се спакувани во темни стаклени шишиња или амбалажа што го штити од промени предизвикани од светлина. За да се задржат сите хранливи материи, треба да се чува на темно место на температура од 16 до 20 степени. Најдобро е маслото да се употреби најдоцна 12 до 24 месеци по полнењето.