Како да презентирате бизнис идеја пред инвеститор

360

Ниту една бизнис идеја не може да биде добра и успешна доколку не успее да си го најде патот до крајните корисници. Од таа причина, особено е важно добро да се осмисли начинот на кој ќе се претстави производот или услугата пред потенцијалните инвеститори, купувачи…

Pitching-от е првиот чекор на стартапот до потенцијалните инвеститори и поддржувачи. Трае од една до пет минути, па затоа мора внимателно да се осмисли презентацијата и конструктивно да се искористи времето што е на располагање.

Од добриот pitch (презентација) ќе зависи дали инвеститорот ќе одлучи да ја продолжи комуникацијата и соработката.

Клучни карактеристики на успешен pitch:

Кратка и концизна презентација

Презентацијата ќе помогне во визуелизирање на идејата. Доволни се само неколку слајдови на коишто ќе има повеќе слики или анимации, преку кои на сликовит начин ќе се објасни поентата на идејата. Не се препорачува многу текст бидејќи никој од инвеститорите нема време да го чита. Важно е додека се презентира идејата, да не се чита текстот од слајдовите, туку истите да послужат како краток водич во претставувањето.

Вашата идеја како решение на одреден проблем

Претприемачите, претставувајќи ја својата идеја, најчесто прават грешка бидејќи почнуваат да го опишуваат производот или услугата, нивната функционалност и особини. Затоа, подобро е да се почне со тоа каков проблем решава вашата идеја. На тој начин производот ќе добие смисла, а инвеститорот ќе знае во какво решение би вложил.

Пазар, бизнис модел, добавувачи, канали на дистрибуција…

За да биде исплатлива идејата, мора да има интерес на пазарот за таков производ или услуга. Со тоа што точно ќе ја знаете вашата целна група на пазарот, пред потенцијалните инвеститори покажувате дека сте го истражиле пазарот и точно знаете кој ќе има најголема корист од вашиот производ.

Бизнис моделот треба да ви помогне во постигнување на крајната цел – профит. Тоа е еден од клучните елементи на кои инвеститорите обрнуваат најмногу внимание. Колкава ќе биде цената, дали профитната маргина ќе ги покрие сите трошоци, дали цената ќе ја истакне конкурентската предност на пазарот…

Соработката со добавувачите и точно утврдени канали на дистрибуција на производот се логистички прашања на кои претприемачот мора да даде одговор, бидејќи тие се клучни во достапноста на производот или услугата до крајните корисници.

Зошто инвеститорите би ја избрале токму вашата идеја?

Во пазарниот “хаос” од најразлични производи и услуги, вашата идеја мора да биде единствена, исплатлива, профитабилна, реална… Претприемачите мора да ги знаат карактеристиките на производот по којшто ќе се разликува од останатите и ќе им го привлече вниманието на инвеститорите.

“Вооружете се“ со сите потребни информации

Додека го создавате вашиот старт – ап, истражувајте за тоа дали има нешто слично во регионот или во светот воопшто. Дали она што ќе го понудите може да биде замена за некој постоечки производ, дали е подобар од другите, по што се издвојува, дали е во согласност со законските прописи, дали се потребни одредени лиценци, сертификати, одобренија, дозволи…

Бидете подготвени на голем број прашања

Штом заврши презентацијата, инвеститорите имаат можност да му постават прашања на претприемачот. Тоа го прават за да дознаат што ги интересира, но и да го проценат претприемачот и да осознаат какви се неговите ставови. Имајте на ум дека дијалогот е секогаш поинтересен од монологот, па бидете подготвени на дебата со инвеститорите. Покажете почитување, сослушајте ги, повикајте се на некое ваше претходно искуство или податок којшто ќе го поткрепи вашиот став.

Фото:Pixabay