Како да “преживеете“ возење во автомобил на тропски температури

72

Без разлика на тоа дали планирате подолго патување до омилената летна дестинација или заради секојдневните обврски мора да се возите со автомобил по вжештениот асфалт, бидете внимателни и почитувајте ги овие совети.

Кога седнувате зад волан, мора да бидете свесни за одговорноста што ја носите за сопствениот и животите на оние кои ги возите со вас, но и на останатите учесници во сообраќајот. Високите температури можат да ја отежнат концентрацијата, но и удобноста при возењето, затоа пред да влезете во автомобилот, убаво проветрете, доколку имате клима, пуштете ја да го разлади внатрешниот простор. Потоа, удобно сместете се во седиштето, ставете го појасот, проверете ги ретровизорите и стартувајте.

Она што го советуваат експертите за клима уредите во автомобилите е дека тие треба да се исклучат пет минути пред крајот на патувањето, да ја зголемите вентилацијата во возилото за да почне полека да влегува воздух од надвор и на тој начин да се изедначи температурата внатре со онаа надвор, за да не се “шокира“ организмот при излегување.

Доколку патувате на подолга релација, не заборавајте на шише вода покрај вас и редовните одмори, кои би требало да се прават по најмногу два часа возење.

Ако патувате со автомобил до своето работно место или се движите низ градот, не дозволувајте сообраќајниот метеж да ви ја наруши концентрацијата при возењето.

Многу луѓе кои планираат подолго патување, си го поставуваат прашањето кое е идеално време за патување – преку ден или ноќе. Можеби поради горештините и високите температури подобро би било патувањето во ноќните часови, во зависност од дестинацијата, сепак не е најразумно решение, сметаат професионалните возачи. Ноќното возење повеќе исцрпува, ја намалува концентрацијата и фокусот на патот, а е помалку практично и доколку се случи некој дефект. Затоа, се препорачува патувањето во раните утрински или доцните попладневни часови и секако избегнување на возење кога температурите се највисоки – околу пладне.

Подготовките за подолг пат, вклучуваат и детална проверка на состојбата на возилото, полнење гориво, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и следење на прописите за движење.

Фото: Pexels