Фото: Pixabay
(Овој текст беше објавен во мартовскиот број на магазинот In-Store, како дел од циклусот текстови кои се наменети за малите/маалски продавнички. Целта на овие текстови им е да помогнат на маалските продавнички како да се справат со големите гиганти. Воедно претставува и поттик за сите нас да им помогнеме на овие важни социо-економски субјекти да опстојат. Голем дел од предложените активности може слободно да се употребат и за било кој друг бизнис. Овој текст се однесува на значењето и важноста на СТРАТЕГИЈАТА)
Пред да почнам да го пишувам овој текст, направив мало истражување на пазарот. Односно, посетив десетина мали, маалски продавници низ неколку локации во градот. Разговарав со сопствениците за нивните почетоци, за работата, како оди сега, а како било пред неколку години, за конкуренцијата, за клиентите и за сите работи што тие ги прават во моментов, за да се справат со огромната конкуренција и состојбата на пазарот. Коментарите, генерално не беа воопшто воодушевувачки и позитивни. Сите се жалеа на работата и колку е променето од порано. Сè посилна конкуренција, сè повеќе луѓето немаат пари, помалку влегуваата во продавниците и помалку трошат. Состојбата е тешка. Тоа е точно. Но, за сите е тешка. И доколку сакаме да опстанеме во ова сурово време, мора да промениме нешто во начинот на работење. Мора да се едуцираме и научиме како да работиме под вакви услови и најважно, да ги имплементираме тие научени вештини и техники.
Низ разговорите, она што го увидов кај повеќето, а сметам дека е од огромна важност за успешноста, односно неуспешноста на водење на еден бизнис, е тоа што никој немаше некоја издржана стратегија или специфичен концепт на работење. Генерално опстанокот на тие продавници се должи на одличната позиција, локација на дуќанот. Многу малку се гледаше дека инвестираат во изгледот на дуќаните, производната програма, начинот на поставување на производите и редење на полиците, услугата и односот со купувачите, начинот на промоција и продажба на производите и некои други аспекти на работењето. Ова ми дава за право да кажам дека со правилна и макотрпна работа и подобрување во сите овие аспекти од работењето, маалските продавници може лесно да ги придобијат купувачите и зајакната својот бизнис.
Цената секогаш ќе биде најголемиот проблем на малите продавници. Тешко да ги добиете истите цени како што ги добиваат големите маркети. Затоа единствен начин да се борите со конкурентите е да имате издржана стратегија и да работите на јакнење во сите овие аспекти на вашиот бизнис.
Во овој текст ќе ви помогнам како низ неколку точки, самите да направите ваша Моќна Микро Стратегија. Не ви требаат консултанти или огромни инвестиции, иако ако можете да си дозволите надворешна професионална помош, ве охрабрувам да го направите тоа. Едноставно само треба да направите анализа на вашиот бизнис и размислите во однос на овие точки и дефинирајте насоки кои ќе ги следите, безусловно, во вашиот бизнис. Нормално, ако дојде до некој посериозен непредвиден удар, адапритајте ги точките според ново настанатата ситуација.
А. МОМЕНТАЛНА СОСТОЈБА: Анализа на моменталната состојба на работење. Анализа на пазарот, конкуренцијата, купувачите, приходи-расходи, профит, локација, изглед на продавница, маркетинг и продажни активности, добавувачи. Како најважно за вас во моментот е познавање на вашиот купувач. Ако подобро го запознаете него, неговите потреби, желби и интересни, многу полесно ќе најдете начин како да ги задоволите и задржите како клиенти. Најдобар начин е да направите истражување преку прашалници.
Б. ГЕНЕРАЛНА ЦЕЛ: Што сакам да постигнам со мојот бизнис? Каде се гледам за 5 години? Идејата не е да сонуваме туку да бидеме реални во нашите желби и цели, земајќи ја во предвид нашата моментална состојба на пазарот, нашето знаење и капацитет. Може да се дефинира квалитативна цел, но бидејќи ситуацијата е многу поконкретна, ви предлагам да дефинирате месечен приход (профит) што сакате да го остварите. Секогаш е полесно да се забрза темпото на работа кога имаме дефинирано некоја цел, и постојано следиме колку ја остваруваме.
В. РАЗВОЈНИ ПРАВЦИ: Како од точка А. ќе стигнеме до точка Б.
- Генерална стратегија – дали ќе останете во тој профил на продавница или радикално ќе го промените моделот на работење? Под радикално се мисли, отворање на тобако (само основни импулсни производи), специјализирана продавница за алкохол, 24ч работен ден, здрава храна итн.
- Локација – колку е прометна вашата локација? Дали некогаш сте измериле колку минувачи поминуваат пред вашата продавница? Ако мислите дека вашата локација е лоша, ви предлагам, ако сте во можност, да ја промените за подобра и попрометна.
- Производно портфолио – што ме одвојува од конкуренцијата? Дали може да додадете (и/или одземете) некоја комплементарна категорија – семки и зрнести производи, кафе/чај за по пат, готови сендвичи, освежителна лимонада, здрава храна, свежо овошје и зеленчук и др?
- Редење на производите – дали знаете дека со правилно групирање и изложување на производите, може да ја подигнете продажбата и до 20-30%? Засега имате опција да прашате некој пријател што има искуство во поставување на прозводи, да ги консултирате вашите добавувачи, да одите на некоја обука или едноставно да ги посетите големите маркети и да претпоставите зошто ги наредиле така (и на тие места) нивните производи.
- Добавувачи – како да добијам подобри услови кај мојот добавувач? Едноставно разговарајте со нив и прашајте ги што треба да направите за да добиете подобри услови. Овде не станува збор само за цени, туку повеќе за акции, подароци за муштериите, маркетинг материјали и др. Се она што ќе ви помогне подобро да го изложите или продадете вашиот производ на крајниот купувач.
- Маркетинг и продажни активности – што правам за подобро да ги промовирам и продадам моите производи? Консултирајте се со вашите добавувачи, да ви кажат тие како може подобро да ги промовирате и продадете вашите проиводи. Правете акции, побарајте ситни подароци од нив кои ќе ги подарите на купувачите, правете специјални понуди (повеќе производи за пониска цена), викенд цени за одредена група на призводи и други акции.
- Однос со клиенти – како може да го подобрам мојот однос со клиентите? Овде многу треба да ви помогнат резултатите од истражувањето. Реагирајте соодветно на нивните коментари. Генерално вашите бизниси зависат од позната група на купувачи. Ако ги задоволите нивните барања и успеете да ги задржите, веројатноста за успех во бизнисот е поголема.
- Едукација и обука – како ги развивам своите професионални и лични вештини и знаења? Само со постојана надоградба на нашите знаења, може да бидеме пред конкуренцијата и да преживееме во овој суров свет. Посетувајте обуки, читајте специјализирана литература, прашајте го ГУГЛ.
Ако одговорите на овие прашања и постапите според објаснувањата, направите ваш сопствен акционен план, веројатноста да го одржите вашиот бизнис и остварите вашата цел е многу поголема отколку да не направите ништо.
Со успех во промените.
За да го прочитате Како да се борите со големите (1), кликнете тука.