Како да се заштитите од негативната енергија

102

stres-glavobolka-pixabay

Фото: Pixabay

Негативната енергија може да ве исцрпи, да ви ја одземе мотивацијата, да ве депримира или да ве направи нервозни… Без разлика дали таа доаѓа од колега, партнер, пријател, член од фамилијата, треба да знаете како да не дозволите негативноста да ви влијае.

Фокусирајте се на решенијата, не на проблемите

Негативните луѓе повеќе време поминуваат фокусирајќи се на проблемите отколку на решенијата, а сето тоа е проследено со премногу жалби, барање вина и незадоволство. За да останете позитивни фокусирајте се на решенија што функционираат. Ако наидете на отпор употребете ги вашите силни страни за да се одбраните од лошите мисли и зборови.

Не правете драма

Негативните луѓе едноставно се хранат од драматични ситуации. Затоа, колку и да ве искушуваат не подлегнувајте на нивните кавги и жестоки дискусии. Останете смирени, резервирани и позитивни. Правете го тоа што е важно и гледајте си ја вашата работа, само така нема да им дадете ништо и ќе се откажат од обидот да влијаат на вас.

Одредете граница

Понекогаш животот може да ви стане подобар доколку (на одредено време) исклучите одредени луѓе од истиот – оние што ве прават тажни, нервозни, оние што секој позитивен став и мислење умеат да го извртат во негативна насока. Создадете одбранбен механизам, еден вид на граница што нема да дозволи негативната енергија да ве “скрши”, па дури и ако станува збор за блиски луѓе.

Престанете да поправате сè и секого

Престанете да се обидувате да поправите сè и секого. Ако се најдете во ситуација да правите нешто за некого што тој/таа можат и би требало сами да го прават, тогаш вие не помагате, туку одмагате. Понекогаш несвесно можеме да произведеме негативна енергија кога ги “носиме луѓето што знаат да одат” или кога се обидуваме да ги поправиме, да им помогнеме на луѓето и кога не им треба помош. Научете кога треба да престанете да го правите тоа.

Одговорете, но без реакција

Одговорот произлегува од јасен ум и емоционална сила и се одбира за да создаде посакуван резултат. Од друга страна пак, реакцијата е неконтролиран рефлекс што доаѓа од импулси предизвикани од страв, односно од инстинктот да се преживее. Воздржете се од непромислени реакции и научете да одговарате смислено особено кога ќе наидете на негативна енергија.

Грижете се за себе

Ако не се грижите за себе, нема да може да се грижите за другите. Не е себично, ниту суетно да се сакате себе си, да се грижите за вашата добросостојба и вашата среќа да ви биде приоритет. Ако практикувате грижа за себе и научите како да го правите тоа, ќе останете приземни и силни што најмногу ќе ви биде од полза во моментите кога се соочувате со негативна енергија.