Фото: Pixabay
Човечките ресурси се основата на секоја компанија. За да се избере вистинскиот вработен, прво треба компанијата да е подготвена, но пред се да има добра систематизација на работа.
„Потребна е изготвена систематизација кога се бара нов вработен за да се знае за која позиција се бара. Кога ќе правиме интрвју треба точно да му претставиме реална слика на тоа што треба да одговори, кои се нашите очекувања, меѓутоа и да ги слушнеме и неговите. Не можеме да добиеме реална слика за некого ако не го слушнеме што има да каже, кои се неговите амбиции и досегашни знаења. Меѓутоа, уште поважна е желбата да се научи, затоа што ако се нема желбата да се напредува, не можеме да очекуваме вработениот да биде носител на некоја работа или да напредува во тој правец. Така, за добар вработен треба добар работодавач. Тоа е двонасочен пат. Постојана размена на искуства, растење заедно, да се создаде припадност кон фирмата и транспарентно да се работи. Вработените секогаш треба да знаат во кој правец се движи компанијата. Тие не се само вработени на одредена позиција, туку се дел од ситемот. Дефиниран систем кој транспарентно е претставено на каде оди, креира сигурност за вработениот, поттикнува амбиција кај него и реална слика дали е за тука или не е. Никогаш не сме 100% сигурни кога работуваме. Можеме генерално да се поврземе, меѓутоа луѓе сме и сметам дека ни цел живот не е доволно за некого да го знаеш 100%. Така и ние како менаџери, вработените не можеме да ги знаеме 100%. Меѓутоа можеме да ги почувствуваме моментите кои не поврзуваат, да ги негуваме, да ги развиваме и да ги зголемуваме точките што не поврзуваат, а не точките што не раздвојуваат“, вели Анита Христова, ко-сопственик и менаџер на компанијата Христови.
За секое вработување треба да се има точен концепт. Вработувањата во систем не даваат големи резултати и тоа е возможно само во големи системи каде што се регрутираат многу луѓе. Меѓутоа вработување во една компанија во која голем дел од нејзиниот капацитет се човечките ресурси, за секој вработен, за секоја позиција треба се посвети доволо време и внимание, доколку се стремат кон одбирање на квалитетен вработен и создавање на долгогодишна релација.
„Само високо профитабилна компанија со над 300 вработени може да си дозволи сектор за човечки ресурси, каде што ќе се планираат обуки и ќе се извршуваат правилни евалуации. Пред се вработените се плашат да пополнат евалуациски формулари и треба да им обезбедиш 100% сигурност дека нема да бидат откриени. А сето тоа си чини многу пари“, вели Даница Личанин Блажеска, сопственик на Рептил Маркети.
Детерминираноста на целите и взаемните односи меѓу работодавецот и вработениот се клучен сегмент од кој зависи успехот на компанијата.
„Во однос на човечките ресурси битен момент што јас го практикувам е да се постават цели напишани за секоја година, заедно со вработениот. Сакам да се 5 цели, а не 10, 20, 30 и тие да бидат SMART (специфични, мерливи, да можеш да ги исполниш, да имаат рок – да се врзани со време и да се реални). Сметам дека треба секоја година на крајот да се отвори како папка и да се провери дали се исполнети. Исто така во текот на годината се следи работата и врз основа на тоа треба да се даде една оценка за вработениот и евентуално и награда. Јас би издвоил дека во мојот систем на работа со човечки ресурси, секоја година правам интервјуа еден на еден со секој вработен на еден формален начин. И им го препорачувам топло на сите менаџери, бидејќи на тој начин со претходно пополнет прашалник луѓето имаат шанса да кажат некои работи за нивната работа да биде поуспешна и тие да се посреќни. Во исто време и да дознаеме битни работи за фирмата, кои не сме ги знаеле“, вели Јанко Тренкоски, генерален директор на КБ Прво пензиско друштво и ко-сопственик на РЗ Инфомедиа.
Нема лоши вработени, туку има лош менаџмент. Менаџерите се тие кои треба да направат добар амбиент во работата, да ги мотивираат вработените и да го стимулираат работењето во компанијата. Добри менаџери не се купуваат, туку се создаваат од своите редови, затоа е потребно да се вложува во своите вработени во разни едукации.