Како да управувате со своите пари?

29

pari

Фото: Pexels

Парите можеби не се најважното нешто на светот, но сепак се потреба без која не се може. Без разлика колкава сума имате на сметка, од клучно значење е да умеете да управувате со нив.

Трошоците треба да се организираат за да не нè изненадат и остават без пари, а штом научиме како да го правиме тоа, ќе решиме и голем број на проблеми.

Евидентирајте ги приходите и расходите

Она што е важно е да имате точен увид во вашите примања и трошоци со цел да можете правилно да ги распоредите. За почеток направете месечен преглед на приходите и расходите. Тоа ќе го постигнете со запишување на дневните трошоци. Ќе знаете што сте потрошиле, а што сте добиле, без да имате потреба да ја помните секоја сума. Овие дневни евиденции ќе станат и месечни и тогаш ќе видите каде одат вашите целокупни приходи и расходи. Ќе забележите непотребни трошоци без кои можете да живеете и ќе знаете што треба да промените.

Запишувајте ги и планирајте ги однапред месечните обврски за плаќање, како кредит, кирија и слични трошоци што мораат да се подмират. Така нема да има непланирани расходи, а може и да заштедите, гледано долгорочно, со тоа што ќе го спречите активирањето на камати. Добрата организација може да ви донесе само корист и некој денар плус во џебот.

Направете анализа на својот буџет

Вообичаениот рок во кој треба да го анализирате вашиот буџет е месец дена, од причина што тогаш со новите приходи ги гледате и пропустите од минатиот месец. За да не се чудите каде ви отишле парите на крајот на месецот, не е лошо да направите анализа и по две недели, чисто за да видите дали има потреба да ги намалите трошоците или сè е во ред.

Добро е парите што ќе ви останат на крајот на месецот да ги заштедите, ќе се изненадите колку и малите износи можат да бидат од корист, кога после извесно време и редовно одвојување, сумата се зголемува.

Научете како да трошите

Умереноста е секогаш најдобра, па и во штедењето. Не треба да трчате по секоја цена за заработка, ниту пак да претерувате во штедењето. Тоа може да ви го одземе потребниот мир и да биде причина за непотребна нервоза, односно да направи проблем што парите не можат да го решат.

И кога ќе научите како паметно да управувате со своите пари, ви останува уште една важна работа, да ги научите и останатите членови од фамилијата рационално да се однесуваат со парите.