Како да возите безбедно по снег

14

zima

Фото: Pixabay

Снегот претставува вистински белег за зимскиот период, голема радост за најмалите, совршен начин за намалување на грипот и настинките… Но, во исто време, предизвикува главоболки на голем број возачи, кои поради своите секојдневни обврски, мора отежнато да се движат низ замрзнатите и со снег прекриени улици.

Токму затоа за сите возачи им нудиме неколку практични совети за полесно и безбедно возење по снег.

Пред да тргнете на патување со автомобилот во зимски услови, мора да бидете сигурни дека ја имате потребната зимска опрема и соодветни гуми, што ќе помогнат поедноставно и безбедно да стигнете до посакуваната дестинација. Мора да водите сметка и за тоа дека мора да излезете барем 15-тина минути порано од вообичаеното, за да може да пристигнете навреме онаму како што сте тргнале.

Исчистеното и загреано возило ќе ви понуди поголема удобност и видливост за време на патувањето со автомобилот. Поради ниските температури, не е невообичаено акумулаторот да го изневери сопственикот на автомобилот. Замаглените стакла на автомобилот можат да ја намалат видливоста и да направат голем проблем, па од таа причина важно е да го активирате клима уредот или да го вклучите греењето, за да може да се исушат.

Искусните возачи велат дека вистинска уметност е возењето на мраз или снег. Од таа причина, еден од најважните совети е дека при возење во такви услови не смее да се вози брзо, да се прават брзи движења, завртување и запирање. Влажниот или лизгав коловоз бара поголема синхронизација на педалите за гас и за сопирање и менувачот.

Праксата покажува дека недоволното растојание во зимски услови може да биде кобно за возењето. Поради тоа е важно да се држи барем три пати поголемо растојание меѓу возилата за да биде сопирањето посигурно, доколку некој од автомобилите нагло запре. Најважно е да возите во понизок степен на пренос од оној што вообичаено го користите кога коловозот е сув, за да може да го зголемите ефектот на моторно запирање.

Сообраќајната култура и свест најмногу се истакнуваат во понеповолни временски услови, па затоа од секој возач се бара поголема толеранција, трпение, внимателност, не само кон својот автомобил, туку и кон сите останати учесници во сообраќајот, вклучувајќи ги пешаците. Пешаците опремени со својата “зимска опрема“ од капи и шалови, не се сосема внимателни кога се движат, а згора на тоа одат и по лизгав пат, па затоа апел и до нив да бидат претпазливи и да не излегуваат доколку немаат посебна потреба за тоа.

Среќен пат!