Како да заштедите пари на предновогодишен шопинг

21

shoping

Фото: Pexels

Попуст, намаление, распродажба… со големи букви стојат на излозите на продавниците низ градот. Тие се знак за предновогодишното шопинг “лудило“ во коешто трговците користат различни трикови за да им ги испразнат џебовите на купувачите.

Не наседнувајте на намалените цени

Иако насекаде стојат натписите за намалување или попуст, бидете внимателни. Поставете си го прашањето дали тоа што сакате да го купите за себе или за подарок ќе одговара и дали ќе го користите. Доколку не сте сигурни, во тој случај ниската цена нека не биде мамка за да го купите.

Правило од 10 секунди

Кога ќе влезете во продавницата, земете го производот што ви се допаѓа и држете го 10 секунди во рака. Доколку за тоа време се двоумите дали ви е потребен тој производ или подобро со тие пари да купите нешто што повеќе би го користеле, најдобро е да го оставите и да преминете на нешто друго. Штом го вратите ќе бидете горди на вашата одлука бидејќи не сте потрошиле пари на нешто непотребно.

Не купувајте производ што веќе го имате

Сосема е погрешна одлуката да купите производ што веќе го имате само затоа што е по пониска цена. На тој начин само ќе си создадете главоболка бидејќи истиот моден додаток или подарок ќе зафаќа повеќе место, помалку ќе се користи и ќе сфатите дека залудно сте ги потрошиле парите.

Акција 1+1 гратис

Никој до нас не може да одолее по пониска цена да купи, на пример, три наместо две чоколади. Но, бидете внимателни дали навистина се исплати и за колкава заштеда станува збор. Понекогаш ваквите акции се наменети за производи чиј рок е пред истек, па затоа внимателно особено ако купувате храна.

Купувајте сами, направете список и “скројте“ оптимален буџет

Истражувањата покажуваат дека поголема концентрација при купување има кога купуваме сами. Доколку шопингот го правите во друштво, тогаш импулсот за купување е многу посилен. Во периодот на предновогодишна еуфорија, кога продавниците се преполни со впечатливи бои, најдобро е на шопинг да тргнете со список на потребни производи што ви се потребни вам, како и за подароци. Кога имате ограничен износ на пари, ќе бидете попретпазливи во купувањето. Затоа, поставете си горна граница на пари што би ја потрошиле, имајќи на ум дека следува јануари – најдолгиот месец во годината поради празниците што ќе ги оставиме зад себе.