Повеќе од 400 милиони корисници на социјалната мрежа Инстаграм дневно објавуваат по околу 80 милиони фотографии и видеа. Најголем дел тоа го прават од забава, а брендовите ја користат оваа платформа како уште една можност за директна комуникација со нивните купувачи.
За Михаел Шулц, еден од говорниците на AllWeb конференцијата за дигитален маркетинг, Инстаграм е клучната причина заради која ја напуштил својата стандардна работа.
“Овој сервис е одлична платформа која на компаниите им овозможува да споделуваат уникатна содржина, инспиративни приказни и креативни кампањи, што води кон вин – вин ситуација и за брендовите, но и за самата заедница“, вели Шулц.
На мрежата познат како @Berlinstagram, Шулц има скоро 500.000 следбеници и практикува т.н. улична урбана фотографија. Досега им има помогнато на брендови како Левис, Адидас, Абсолут, Убер, Самсонајт и други.
Како еден од говорниците на овогодинешниот AllWeb, што ќе се одржи на 13 ноември во Скопје, Шулц со присутните ќе зборува за различните модели, концепти и механики за водење на успешна кампања и комуникација на Инстаграм. Според него, успешната кампања подразбира силна поврзаност помеѓу брендот и заедницата.
AllWeb e единствената конференција посветена на дигитален маркетинг во Македонија, која се одржува четврта година по ред. Организаторите за годинава најавуваат уште петнаесеттина одлични говорници, а повеќе информации за програмата може да се најдат на www.allweb.mk. Влезниците за конференцијата веќе се пуштени во продажба.