Робин Ријана Фенти е целосното име и презиме на една од најпознатите светски музички ѕвезди. Ријана е родена на 20-ти февруари 1988 година во Барбадос. Во 2005-та година ја напушта својата егзотична земја и се сели во САД, каде ги прави првите значајни чекори во музиката.
Најголема популарност достигна со својот трет албум Good girl gone bad, од којшто дури три песни Umbrella, Take a bow и Disturbia беа на прво место на американскиот Billboard hot 100.
Важи за еден од најпродаваните музички артисти во светот, со продадени над 250 милиони албум до септември 2018-та година. Денес важи за една од најплатените пејачки, чие богатство се проценува на околу 600 милиони долари.
Нејзината компанија Fenty ја основа во септември 2017-та година. Според магазинот Forbes, најголем дел од богатството на Ријана е благодарение на партнерството со LVMH. Нејзиниот бренд Fenty Beauty во првите неколку недели од лансирањето оствари заработка од 100 милиони долари. Се претпоставува дека брендот заработил 570 милиони долари во првите 15 месеци од почетокот со работа.
Експертите сметаат дека Ријана паметно ги инвестира парите што ѝ стојат на располагање, бидејќи на глобално ниво, козметичката индустрија вреди околу 480 милијарди долари, а во Велика Британија околу 17 милијарди долари.
Во ноември 2015-та година, Ријана го лансира брендот и модната агенција Fr8me. Целта на агенцијата е да им помогне на артисти за снимање реклами, едиторијали, рекламни кампањи и претставувања на големи настани. Две години подоцна ја лансира Fenty Beauty под капата на LVMH, што ѝ донесе околу 10 милиони долари.
Во 2018-та година, Ријана го лансира брендот за долна облека под името Savage X Fenty. Производите од оваа линија се во различни нијанси за да им одговараат на сите жени.
Освен што е пејачка, актерка и дизајнерка, Ријана е препознатлива и по нејзината хуманост. Таа активно се вклучи во собирање на средства за изградба на Центар за онкологија и нуклеарна медицина во болница во Барбадос. Основна дејност на овој центар е рана дијагностика и лекување на рак на дојка. Ријана, исто така, пружа постојана поддршка на девојчињата од неразвиените земји да имаат пристап до квалитетно образование. Таа ја организира и програмата Clara Lionel Foundation’s Global Scholarship, којашто има за цел собирање средства за школарина на студенти од Карибите, Хаити и Барбадос, кои сакаат да се едуцираат во САД.