
Во првата половина од годинава данскиот БДП порасна за 1,7 отсто на годишно ниво, за што, како што пренесува француската новинска агенција АФП, речиси целата заслуга отиде на фармацевтската индустрија, поточно Ново Нордиск. Силниот раст на побарувачката за лекови за дијабетес и губење на тежината во голема мера ги зголеми приходите.
Без фармацевтската индустрија, бруто домашниот производ (БДП) на Данска ќе се намали за 0,3 отсто во првата половина од годината.
„Да го немаше Ново Нордиск, немаше да има ниту економски раст“, коментира Лас Олсен, главен економист на Данске банка, за полугодишните податоци.
Ново Нордиск стана највредната компанија во Европа по зголемената побарувачка за нејзиниот лек за слабеење дијабетес тип 2 Оземпик и лекот за слабеење Вегови. И двете се пропишани со рецепт.
„Вакво нешто досега не сме виделе. Тоа ја менува сликата на целата економија“, изјави за АФП Јонас Петерсен, аналитичар во Статистика на Данска.
Во Ново Нордиск, кој исто така плаќа најмногу даноци во данската каса, во првата половина од годинава е забележан дури 157 отсто пораст на продажбата на лекови за дијабетичари. Пазарната капитализација на компанијата достигна 2.980 милијарди дански круни (400 милијарди евра), со што го смени францускиот производител на луксузни стоки LVMH од позицијата на компанија со најголема пазарна капитализација во Европа на 1 септември.