Како италијанскиот моден бренд „Стив Џобс“ го надмудри Apple

Малку се бизнис приказните што звучат неверојатно и логично како онаа за италијанската модна компанија „Стив Џобс“. Додека Apple работи со милијарди долари, а нејзините производи го менуваат начинот на кој живееме и работиме, двајца италијански претприемачи – браќата Винченцо и Џакомо Барбато – ја искористија законската дупка во 2012 година и го регистрираа името на еден од најпознатите визионери во историјата на бизнисот како свој бренд.

Како е можно Apple никогаш да не го заштити името на својот основач? Токму ова прашање им ја отвори вратата на Барбатови. Нивното истражување на пазарот покажа дека „Стив Џобс“ никогаш не бил регистриран како трговска марка, и тие решија да ја искористат можноста. Не само што лансираа модна линија под тоа име, туку го дизајнираа и логото, стилизирана буква „J“ со пресечена страна, што потсетува на познатото јаболко на Apple.

Apple ги тужеше, но во 2014 година Канцеларијата за интелектуална сопственост на ЕУ пресуди во корист на Барбатови. Образложението? Буквата „Ј“ не е јадлива, па затоа каснатиот дел не може да се толкува како копија на Apple. Правната битка заврши тогаш, но брендот официјално оживеа дури во 2017 година.

Денес, речиси една деценија подоцна, брендот „Стив Џобс“ сè уште постои, тие произведуваат чанти, фармерки, маички, модни додатоци, а браќата го најавуваат својот влез во светот на електрониката. Навидум парадоксално, но вистинито: на полиците наскоро би можеле да се најдат телефони, лаптопи или паметни часовници со логото „Стив Џобс“ кое нема никаква врска со Apple.

Важни прашања за деловниот свет
Оваа приказна покренува неколку важни прашања за денешниот деловен свет. Заштитата на брендот е клучна. Ако дури и еден глобален гигант како Apple може да превиди толку очигледна работа, замислете колку е честа оваа грешка за помалите компании. Моќта на името е во бизнисот. Самото име „Стив Џобс“ носи репутација за иновација, визија и перфекционизам. Браќата Барбато го искористија ова, иако нивниот производствен фокус е сосема поинаков. Каде се границите помеѓу инспирацијата и имитацијата. Каде завршува креативната идеја, а започнува „позајмувањето“ на туѓиот идентитет? Во ерата кога брендовите сè повеќе личат еден на друг, ова прашање станува централно и во модата и во технологијата.

Сегашниот момент ја прави оваа приказна уште поинтересна. Во време кога вештачката интелигенција, новите патенти и заштитата на интелектуалната сопственост стануваат теми број еден во деловниот свет, случајот со „Стив Џобс“ е потсетник за тоа колку е стратешки важно да се размислува неколку чекори напред. Она што Apple го пропушти, некој друг го претвори во бизнис од повеќе милиони долари.

Можеби никогаш нема да се случи телефонот „Стив Џобс“ да стане конкурент на iPhone, но како бизнис анегдота, ова е учебнички пример за тоа како навременото препознавање на празнина на пазарот може да доведе до голем успех. И уште поважно – лекција дека иновацијата не значи само нови производи, туку и паметни одлуки во заштитата и управувањето со брендот.

Фото: Youtube printscreen