Како изгледа Facebook 10 години по ИПО?

18

Пред десет години, Facebook им откри на своите акционери дека инвестира во апликации за паметни телефони, бидејќи употребата на мобилни уреди беше клучна за растот на компанијата, иако во тоа време „не генерираше никаков значителен приход директно“.

Ова беше напишано во проспектот на компанијата за нејзиното деби на Nasdaq, кое се одржа на 18 мај 2012 година.

Ова беше најголемата иницијална јавна понуда на американска технолошка компанија. Пазарната капитализација на Facebook од над 100 милијарди долари веднаш ја направи една од најскапите технолошки компании на планетата, потсетува CNBC.

Facebook собра 16 милијарди долари, со што стана трет по големина ИПО во САД, по Visa во 2008 година и General Motorsс во 2010 година.

До моментот кога Facebook стана јавна компанија, таа веќе беше еден од доминантните брендови на Интернет, со повеќе од 500 милиони активни корисници дневно ширум светот и 1 милијарда долари квартален приход.

Во рок од три месеци од ИПО, акциите изгубија приближно половина од нивната вредност бидејќи пазарот го послуша предупредувањето на Facebook. Бидејќи потрошувачите почнаа да користат паметни телефони во голем обем пред да има докажан бизнис модел за рекламирање на мали екрани, инвеститорите се загрижија дека деновите на брзиот раст на компанијата се веќе во историјата.

Денес, сите знаат дека овие предвидувања беа многу далеку од реалноста.

Приходите на Facebook сега се 25 пати повисоки отколку во 2012 година. А до 2018 година, повеќе од 90% од продажбата на реклами доаѓаат од мобилни уреди. На врвот на својата пазарна капитализација во 2021 година, Facebook вредеше над 1 трилион долари, во голема мера благодарение на неговата главна мобилна апликација, како и на Instagram и WhatsApp, кои подоцна ги купи.

Компанијата веќе има ново име – Меtа. И од шесте врвни директори по ИПО, останаа само двајца – ко-основачот и извршен директор Марк Закерберг и главниот оперативен директор Шерил Сандберг.

За инвеститорите, пак, дилемата сега е многу слична на онаа од пред 10 години. Технолошкиот пејзаж се менува и Закерберг прави уште еден голем облог. Во октомври, тој рече дека ќе потроши околу 10 милијарди долари следната година за развој на технологии за изградба на метаверзум, виртуелен свет на работа и игри до кои корисниците ќе можат да пристапат преку специјални уреди.

Како и во 2012 година, во моментов нема голем постоечки бизнис модел и неизвесно е дека визијата на Закерберг ќе се оствари како што тој предвидува.

Магливата иднина на метаверзумот е само една од причините за падот на акциите на компанијата од 47% во споредба со врвот достигнат минатиот септември. Ова е најлошото остварување меѓу шесте најголеми американски технолошки компании во овој период.

Бројот на корисници на социјалните мрежи се намали за прв пат во четвртиот квартал од 2021 година, а промените во приватноста на Apple ја нарушуваат способноста на Facebook да испорачува насочени реклами до корисниците на iPhone.

Компанијата претрпе штета и на нејзиниот углед откако поранешните вработени открија дека знаела за некои од штетите што нејзините производи им ги нанесуваат на помладите потрошувачи, додека избегнува да презема мерки за нивно отстранување.

Од изборот на Доналд Трамп за претседател во 2016 година, Марк Закерберг постојано ја минимизираше улогата што неговата платформа ја одигра во ширењето дезинформации и надворешното мешање во изборите. Потоа дојде скандалот со Cambridge Analytica во 2018 година, кој откри дека консултантската фирма имала неовластен пристап до податоците на 87 милиони корисници на Facebook и ги користела за да му помогне на Трамп да насочи реклами за изборите во 2016 година.

Однесувањето на Facebook доведе до бројни владини истраги. Шефовите на компанијата редовно се повикуваат да сведочат пред Конгресот, а во септември неколку американски сенатори ја обвинија дека го следи примерот на тутунските компании со тоа што „нуди производ за кој знаат дека е штетен за здравјето на младите“.

Во меѓувреме, Facebook останува неприкосновен број два во дигиталното рекламирање во САД по Google – пазар за кој Insider Intelligence очекува да се прошири за речиси 50% до 300 милијарди долари до 2025 година. Моменталната пазарна вредност на Меtа е 548,4 милијарди долари.

За разлика од деновите на брза експанзија пред неколку години, денес Facebook се соочува со потенцијални намалувања на приходите во вториот квартал поради инфлациските притисоци и војната во Украина, како и зголемената популарност на видео апликацијата TikTok, која привлекува корисници и реклами.

Закерберг, кој неодамна наполни 38 години и ја одржува контролата врз својата компанија и нејзиниот одбор, не зборува многу за социјалните мрежи и мобилното рекламирање. Наместо тоа, тој се фокусираше на метаверзумот и на одделот Meta Reality Labs, кој изгуби речиси речиси 3 милијарди долари во првиот квартал со приход од 695 милиони долари, најмногу од продажбата на очила за виртуелна реалност.

Дали неговата визија и овој пат ќе се реализира и ќе ја претвори компанијата во пазарен и технолошки лидер, останува да видиме.