Како изгледале древните бизнисменки?

176

Во древниот град Канеш, што се наоѓа на територија на денешна Турција, жените се занимавале со банкарство и инвестиции во трговија. Благодарение на економската независност што ја имале, се избориле за висока рамноправност за тоа време.

Околу 1870-тите години пред новата ера, на територија на северен Ирак, една деловна жена разоткрила голема финансиска измама. Таа се викала Ахаха, пренесува ВВС.

Таа инвестирала во меѓународна трговија меѓу Асур, градот во којшто живеела и Канеш. Заедно со останатите инвеститори таа вложила сребро во достава на производи во Канеш. Таму производители се трампале за сребро, а разликата во вредноста на производите, транспортот и продажната цена ја задржувале за себе.

Но, се чинело дека Ахаха губи дел од профитот. Се посомневала дека дел од среброто го проневерил нејзиниот брат, па му пишала на другиот брат, барајќи му информација за која цена е направена трампата.

Ова писмо заедно со 23.000 клинасти писма се ископани во последната деценија на подрачјето на Канеш. Во тие документи археолозите нашле докази за големи општествени промени што се случувале тогаш, а коишто на жените им давале прилика да се занимаваат со работи што претходно биле резервирани само за мажите.

Тие се занимавале со банкарство и она што денес би значело инвестиционо банкарство.

Главна карактеристика на овие деловни жени била тоа што биле мажени, а финансиските активности ги правеле додека нивните мажи биле на деловни патувања. Тие најмногу се занимавале со производство на текстил, давање позајмици на трговци, купување и продажба на куќи и инвестиции во трговија. Поради тоа биле помалку зависни од мажите бидејќи имале сопствени приходи.

Фото: Freepik