Како јавниот долг преку ноќ се намали од 62 на 57,7 отсто?

Премиерот Христијан Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитриевска Кочоска се пофалија дека во првиот квартал од годинава јавниот и државниот долг се намалени. Јавниот долг е 57,7 отсто, а државниот долг е 50,1 отсто од БДП. Но, за економските експерти ова бројка е само манипулација на јавноста со оглед дека неодамна истиот изнесуваше 62 отсто. Ова пред два месеци го потврди и  Масимилијано Паолучи, директорот на Канцеларијата на Светска банка за Косово и Северна Македонија кој рече дека јавниот долг во Северна Македонија значително е зголемен и сега е на 62,4 проценти од БДП што е 14 проценти над нивото од пред пандемијата. Тој рече дека ова се должи на постојани фискални дефицити од пандемијата кои во просек изнесуваат 5 проценти годишно.

Економскиот аналитичар, Бранимир Јовановиќ смета дека јавниот долг оваа година ќе надмине 10 милијарди евра, и сигурно ќе остане над 60 отсто од БДП.

 

 

-Ова е класична манипулација од страна на Владата. Овие бројки за јавен долг од 58 отсто од бруто домашниот производ се однесуваат на првиот квартал на 2025, а за првиот квартал сѐ уште нема податоци за БДП. Бројката за БДП што ја користат е нивна проекција, која е крајно нереална, затоа што претпоставува дека БДП во првиот квартал ќе порасне за 5 отсто во однос на последниот квартал на 2024, што нема шанси да се случи. Она што е факт кога е јавниот долг во прашање е дека тој на крајот на 2024 година, кога има податоци и за јавен долг и за БДП, изнесува 62 отсто од БДП. Од тогаш па до крајот на март долгот е останат скоро непроменет во апсолутен износ – 9.6 милијарди евра. На ова треба да се додаде и новото задолжувањето кое ќе се случи во 2025, кое според буџетот ќе биде 650 милиони евра. Што значи дека јавниот долг оваа година ќе надмине 10 милијарди евра, и сигурно ќе остане над 60 отсто од БДП, изјави за „Локално“, Јовановиќ.

Целиот текст на Локално.мк