Како ќе изгледа крајот на пандемијата?

58

Епидемијата на коронавирус ќе потрае. Малку е веројатно дека САД, а камоли светот, ќе можат целосно да го елиминираат коронавирусот, пишува Си-Ен-Ен.

Но, ќе дојде ден кога повеќе нема да има пандемија, кога случаите веќе нема да излезат од контрола, а болниците нема да бидат изложени на голем ризик од пренатрупаност.

Многу експерти предвидуваат дека во иднина коронавирусот ќе се однесува како сезонски грип. Но, помалку е јасно како и кога тоа ќе се случи.

„Нема јасни критериуми кои би можеле да кажат дека нешто е епидемија или пандемија. Сето тоа е во очите на набљудувачите – и тоа е дел од проблемот“, изјави за Си-Ен-Ен д-р Арнолд Монто, професор по епидемиологија на Универзитетот во Мичиген и в.д. Претседател на Советодавниот одбор за вакцини и сродни биолошки производи на Управата за храна и лекови на САД.

„Сето ова се заснова на тоа што треба да направите за да го контролирате избувнувањето и ширењето“, рече Монто.

Добрата вест за Монто е моќта на вакцината. Лошите вести доаѓаат со способноста на вирусот да се менува и еволуира.

„Никој не може да предвиди како би можела да изгледа иднината на Ковид- 19, а појавата на варијанти на коронавирус, како што е делта, ја помести траекторијата“, рече тој. „Како што се појавија варијантите – јас го нарекувам парада на варијанти – сега гледаме многу поопширна трансмисија и многу порамномерно распространета на глобално ниво. Тоа го отежнува прогласувањето крај на пандемијата“, рече Монто.

Ендемична фаза

Монто и другите претставници на јавното здравство предвидуваат дека во иднина, светот би можел да го следи ширењето на САРС-КоВ-2, вирусот што предизвикува Ковид -19, на начин сличен на оној што го следи сезонскиот грип.

„Незнаеме дали ќе видиме таков сезонски модел со САРС-КоВ-2, но тоа не потсетува дека повеќето од нашите респираторни вируси почнуваат да се однесуваат како сезонски“, рече Монто. „Незнаеме дали САРС-КоВ-2 ќе почне да се однесува така, но ни дава барем едно сценарио дека може да почне да се однесува така“, додава тој. Како што вели тој, треба да „почекаме и видиме“ за да дознаеме како би можела да изгледа ендемската фаза на коронавирусот.

Ендемично значи дека болеста е постојано присутна кај населението, но не влијае на алармантен број луѓе како што обично се гледа во пандемија.

Дури и на почетокот на 2020 година, додека пандемијата зајакнуваше, функционерите од СЗО предвидеа дека новиот корона вирус „би можел да стане уште еден ендемски вирус во нашата заедница“, и дека никогаш нема да исчезне.

„Кога размислувате за пандемии, вие сте во фаза на пандемија, а потоа имате фаза на успорување, потоа контролна фаза, а потоа се надеваме дека ќе имаме елиминација, а можеби и искоренување на вирусот“, рече д-р Антони Фаучи, директор на американскиот Национален институт за заразни болести.

„Се надеваме дека вирусот ќе се намали на толку мали количини, па и да не биде потполно елиминиран, нема да има големо влијание на јавното здравје или на начинот на кој ги водиме своите животи“, додаде Фаучи.

Додека американското Министерство за здравство и социјални услуги минатиот месец ја обнови својата одлука во САД да продолжи вонредната состојба, сојузните здравствени власти размислуваат за тоа да се измери крајот на пандемијата и да продолжат да го следат вирусот откако ќе стане ендемски.