Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за регулирање на надомест на плата за привремена спреченост од работа на вработени лица заболени од КОВИД-19 (коронавирус), вработени лица кои се во изолација заради спречување на зараза, но се асимтоматични и вработени лица кои имале контакти со заразени лица и се во самоизолација.
Во вториот заклучок по оваа точка се наведува дека висината на надоместокот на плата за привремена спреченост од работа на вработени лица во министерствата и органите на државната управа, организациите утврдени со закон, другите државни органи, правните и физичките лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, како и на општините, градот Скопје и општините на градот Скопје, заболени од КОВИД-19, вработени лица кои се во изолација заради спречување на зараза но се асимтоматични (односно немаат знаци на болест), а за кои е констатирано дека се заболени КОВИД-19, ќе се пресметува и исплатува согласно закон и колективен договор.
Согласно заклучоците, се препорачува висината на надоместокот на плата за привремена спреченост од работа на заболени вработени лица од КОВИД-19, вработени лица кои се во изолација заради спречување на зараза, но се асимтоматични (односно немаат знаци на болест), а за кои е констатирано дека се заболени КОВИД-19, а се вработени во приватниот сектор, да се пресметува и исплатува согласно закон и колективен договор.
Висината на надоместокот на плата за привремена спреченост од работа на вработени лица кои имале контакти со заразени лица, а кои се вработени во министерствата и органите на државната управа, организациите утврдени со закон, другите државни органи, правните и физичките лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, како и на општините, градот Скопје и општините на градот Скопје и се во самоизолација, да се пресметува и исплатува согласно закон и колективен договор.
Со заклучок на Владата по оваа точка се препорачува висината на надоместокот на плата за привремена спреченост од работа на вработени лица кои имале контакти со заразени лица, а кои се вработени во приватниот сектор и се во самоизолација, да се пресметува и исплатува согласно закон и колективен договор.
Фото: Freepik