Како малиот претприемач да си ги наплати долговите?

27

evra

Фото: Pexels

Бавното опоравување од рецесијата се одразува и на бизнисот. Многу сопственици на мали претпријатија се уште се соочуваат со последиците од несигурната економија и нејзините ефекти врз се, од производство до вработувања. Но, најголемиот проблем со кој се соочуваат малите компании е наплатата на долговите. Еве неколку совети како малиот претприемач да се заштити од доцнење во исплата или неисплаќање, а доколку е веќе “заглавен”, како да си ги наплати долговите:

Пред да дојде до проблеми

1. Превентивна и често најефикасна мерка да бидете сигурни дека ќе ви платат е проверка на бонитетот на деловниот партнер пред да склучите договор. Проверката на бонитет подразбира собирање на информации за работењето на компанијата, за да ја процените неговата способност за плаќање на обврските.

2. Уште на почетокот поставете се остро и самоуверено. Ако на почетокот попуштите и се согласите на 30, 60, 90 денови рок за исплата, а потоа трпеливо чекате и следните 30, 60, 90 денови, готови сте. Ќе ве растргнат. Бидете цврсти, особено ако сте мали, и тоа уште на почеток. Бидете подготвени и да го изгубите клиентот. Не ви треба клиент што ќе ве уништи.

3. Понудете краток рок на плаќање. Не се согласувајте веднаш на 30, 60, 90 денови. Преговарајте. Ако инсистираат или се закануваат дека ќе си заминат, имате неколку можности. Можете да ја одбиете зделката. Можете да понудите повисока цена и тоа двојно од она колку што ќе ве чинат вашите трошоци. Можете да барате да ви платат еден дел однапред, а остатокот по 30, 60 или 90 дена. Немојте да ви биде непријатно да побарате некаков вид осигурување при плаќањето (задолжница, меница).

Секако, може да се случи да се работи за голема и солвентна фирма која своите обврски ги плаќа на време и нема проблеми. Но, најчесто долгите рокови се само увертира и на крај парите ќе ги добиете по 120 или 180 дена или кој знае кога.

Кога ќе дојде до проблеми

Постојат повеќе причини зошто некој не може да ви плати. Онаа очигледната “немам пари” всушност е ретка, особено ако ви должи голема компанија. Вистината е дека можат да ве исплатат во секое време, но имаат приоритети, а вие никогаш не доаѓате на ред затоа што сте ситна риба за нив.

Во принцип, секогаш некој некому нешто му плаќа и ако се потрудите, тоа би можеле да сте токму вие.

Совети за наплата:

1. Прво обидете се со фино. Јавувајте се, молете, барајте од нив да ви кажат кога ќе можат да платат. Ако треба и стрпете се некој краток период, особено ако имате впечаток дека вистински сакаат да ви платат, а не само да ве завлекуваат.

2. Заострете го настапот. Објаснете дека веќе не можете да чекате, објаснете ја својата позиција, потсетете ги дека трпеливо сте чекале и прашајте ги што би направиле да се на ваше место. Никогаш не зборувајте на висок тон, не се заканувајте и без пцовки.

3. Барајте да ви наплатат барем дел од долгот. Третина, четвртина, половина, било што, само да тргне наплатата.

4. Бидете досадни. Колку почесто се јавувате, толку поголеми се шансите дека ќе си ги добиете парите. И не само по телефон, туку најдете време и како случајно да сте на поминување, свратете до фирмата. Никој не сака постојано да го тормозат, па за да не им досадувате, можно е да ве исплатат. Не е некој совет, но во пракса функционира.

5. Ако сето ова погоре не дава резултати, во разговорот уфрлете некој од зборовите присилна наплата, нотари,…

6. Ако имате пријател правник, замолете го да ви состави едно писмо на ваш меморандум и испратете го. Тоа често вродува со плод, затоа што никој не сака да се расправа со правници и да се влече по судови.

7. Ако се безобразни и не ве “вртат” 5%, тогаш ова е крајниот чекор што треба да го направите – постапете според Законот за извршување или ангажирајте Агенција за наплата на побарувањата.

8. Никогаш не се откажувајте кога се во прашање вашите пари.