Специфичната положба (високо на брдо) жителите на градот Захара де ла Сиера ја користеле како предност пред непријателот. Градот на југот од Шпанија денес, успешно се бори и против коронавирусот.
Иако во околината на областа има инфицирани, ниту еден од 1.400 жители на овој андалузиски град не е позитивен на Ковид -19. За многумина оваа ситуација е благодарение на стриктните мерки кои ги вовеле локалните власти.
До градот водат пет улици, а четири се затворени од 14 март годинава по налог на градоначалникот Сантијаго Галван. Забранет е влез за сите странци.
Галван вели дека првите неколку дена морал да одбие неколку Французи и Германци кои сакале да влезат во градот, без да знаат за нивните ригорозни мерки.
Единствената отворена улица којашто води до градот е наменета за локалното население и е под постојан надзор. Секое возило се дезинфицира, а два пати неделно се дезинфицираат сите улици, плоштади и фасади на куќи во градчето.
Градот сака да ги заштити своите жители, а особено оние постари од 65 години кои сочинуваат четвртина од популацијата на Захара де ла Сиера. Затоа, локален претприемач вработил две лица кои им доставуваат храна и лекови на најзагрозените членови на заедницата. Никој не излегува од своите куќи, освен ако не е апсолутно нужно.
Опстанокот на економијата на Захара де ла Сиера зависи од неколку семејни бизниси. Затоа, градот од својот буџет ќе ги покрие нивните трошоци за електрична енергија, вода и даноци за време на пандемијата на коронавирус.
Фото: Facebook