Како полесно да остварите визуелна комуникација со публиката

158

publika

Фото: Pixabay

Кога се обраќате на група луѓе, визуелната комуникација или контактот со очи спаѓа меѓу најтешките аспекти на одржување на презентацијата. Сепак, публиката е таму да ве види и да ве слушне што имате да кажете и заслужува да ја вклучите во презентацијата.

Недостаток на контакт со очите создава бариера помеѓу вас и публиката. Може да оставите впечаток на несигурност и неизвесност, а тоа може да има лош ефект на вашата презентација. Презентацијата не е еднонасочна комуникација, туку дијалог со публиката. Таа можеби не одговара со зборови, но комуницира со очи и говор на телото. Визуелната комуникација е клуч во градењето на однос, којшто веројатно ќе продолжи и по завршувањето на вашата презентација.

Овие четири совети може да ви помогнат да воспоставите визуелен контакт со публиката, пишува Akta.

Не гледајте во ѕид

Можеби ве советувале да гледате во ѕидот на крајот од просторијата додека ја одржувате презентацијата и на тој начин да ја “измамите“ публиката, но тоа е погрешен потег. Важно е да воспоставите контакт со очите со поединци во просторијата, ако сакате да создадете позитивен однос со присутните.

Спријателете се

Кога ќе почнете да ја подготвувате просторијата за презентација, некои луѓе ќе почнат да ви приоѓаат. Ова е одлична шанса да се спријателите пред започнување на презентацијата. Поздравете ги учесниците кога ќе влезат во просторијата и претставете се, а кога ќе започнете со презентацијата побарајте ги “пријателите“ поради контактот со очите. Ќе се чувствувате попријатно гледајќи во нив, бидејќи веќе сте ги запознале. За да си го олесните понатамошниот говор поставете отворени прашања, гледајќи во личностите кои веќе ги знаете.

Поделете ја просторијата

Кога ќе почнете да се чувствувате попријатно гледајќи во неколку личности, може да го проширите погледот и кон другите присутни во просторијата. Погрижете се во секој дел од просторијата да посветите исто време и количина на енергија. Не ги игнорирајте луѓето кои се наоѓаат во задниот дел, а кога ќе гледате во позадината, фокусирајте се на главата од личноста бидејќи е тешко да воспоставите контакт со очите со некој кој седи далеку.

Побарајте заинтересирани личности

Ако не ви е пријатно да воспоставите визуелна комуникација со луѓе кои не покажуваат никаква реакција или ве гледаат со презир при вашето обраќање, пронајдете ги оние кои позитивно реагираат. Погледнете ги оние кои се смеат, климаат со главата и очигледно сфаќаат што зборувате. Ваквите личности ќе ви ја зголемат самодовербата и ќе добиете енергија да продолжите со презентацијата.