Како се покажаа очилата на Apple од 3.500 долари на тестот за издржливост

15

На 2 февруари Apple ги објави своите први очила за мешана реалност кои чинат 3.500 долари. Помеѓу прашањата зошто и кој ќе ги купи, мора да имате и милион други прашања за овој производ, а едно од нив веројатно е – колку се издржливи Apple Vision Pro?

Мора да признаеме, издржливоста на овој уред е последното нешто што сакаме да го тестираме, особено ако сме платиле за него. За среќа, платформата Јутјуб е огромен збир на креатори на содржини и секогаш има некој што сака да одговори на таквите прашања. Во овој случај тоа е Сем Кол, попознат како AppleTrack.

Како поминале очилата на тестот за издржливост на Сем? Во голема мера – изненадувачки добро.

По 20 удари во ѕид, освен со мали гребеници, „епл вижн про“ сè уште се во едно парче и функционираат нормално, а истото може да се каже и за нивната состојба по две паѓања на земја.

Меѓутоа, откако биле пуштени да паднат од висина на градите, очилата почнале да ги покажуваат првите знаци на оштетување – десниот звучник престанал да работи. Всушност, се чини дека држачите на лентата за глава, каде што се наоѓаат звучниците, се најчувствителните делови на овој уред, бидејќи и двете се скршиле по дополнителните падови.

Она што е многу интересно е дека стаклениот „визир“ на предната страна на очилата се скршил дури откако паднале од висината на таван.

Ваквите тестови, особено на Јутјуб, често не ја претставуваат реалноста. Сепак, Кол се обидел да покаже реални можности во домашни услови, а за нивната издржливост доволно говори фактот дека морал да оди во крајности за навистина да ги оштети очилата.

И покрај ударите, губењето на десниот звучник и скршеното стакло, очилата останале функционални по тестот, па ако планирате да потрошите 3.500 долари, можете да бидете спокојни, барем кога станува збор за издржливоста.