Како се развиваше една од најуспешните компании во Македонија?

110

Фармацевтската компанија Алкалоид својата успешна приказна ја започнува на 15-ти август далечната 1936 година. Првите погони на компанијата биле во сопственост на семејството Огњановиќ со само 15 работници и производство на околу 350 килограми фармацевтски суровини. Основна дејност во тоа време било производство на алкалоиди од опиум, односно екстракција на морфин – база и нејзино синтетизирање до кодеин.

Со решение на тогашната владата на Федеративна народна република Југославија и Народна Република Македонија, на 22-ри јуни 1945 година било извршено поопштествување на фабриката, која тогаш имала 17 работници, од кои само еден со високо образование.

Подемот на Алкалоид продолжил и во периодот на таканареченото работничко самоуправување, што во фабриката било воведено на 29 август 1950 година. Со помали осцилации, претпријатието ја задржало динамиката на раст на производството, така што, по извршената реконструкција на капацитетите, производството на Алкалоид било зголемено за осумпати.

Првата деловно-техничка соработка била воспоставена во 1961 година со Терапликс од Париз, Франција, а со прераснувањето на Алкалоид во современа фармацевтско-хемиска индустрија, таквата соработка била трасирана и со реномираните Фајзер од Њујорк, Шеринг АГ од Берлин, Специја од Париз, со лабораторија Делагранж од Париз, Хеми од Линц, Солко АГ и Хофман Ла Рош од Базел, МеркШарпДом од САД и други. На почетокот, ваквата соработка се состоела од преземање лиценци, а подоцна се надградувала и се преминувало кон доработка и кон производство на супстанции наменети за создавање на специфични фармацевтски производи. Со тоа се збогатувал асортиманот на Алкалоид со нови препарати за голем број области од медицината, а многу од нив претставуваат врвни достигнувања во фармакотерапијата.

За само три години, од 1968 до 1971 година, остварените резултати на Алкалоид се зголемиле четирикратно. Порастот на производството бил проследен и со зголемување на бројот на вработените и со промена на квалификациската структура. Во 1969 година, тогашната работна организација броела 515 вработени, а по две години овој број се зголемил на 671, од кои 120 биле со високо образование.

Успешната приказна на Алкалоид во период од 1986 до 1996 година ја обележале подготовките и почетокот на најкрупниот инвестициски циклус во историјата на компанијата, како и нејзината сопственичка трансформација во рамките на системските реформи во државата. Во оваа декада, Алкалоид успешно го пребродил транзицискиот период, во кој севкупниот економски амбиент во државата се трансформирал, кога се случиле значајни промени во македонското стопанство и кога дополнителен удар предизвикале случувањата во регионот поврзани со распаѓањето на поранешната југословенска држава.

Bo 1996 година Алкалоид го започнал најкрупниот инвестициски циклус. Прв чекор во развојната стратегија на компанијата бил почетокот на изградбата на новата фабрика за цврсти таблетни форми, со површина од околу 12.000 квадратни метри. Квалитативно, нов значаен потег на Алкалоид во овој период била соработката со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и со Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ). Договорите со овие меѓународни финансиски институции, потпишани во 1999 година, претставувале основа за нов вид повеќеслојна соработка.

Преку нив Алкалоид, од една страна, обезбедил финансиска поддршка од околу 17,4 милиони евра и тоа не како класичен кредит, туку во форма на конвертибилен заем, кој во секој момент ЕБОР и ИФЦ можеле да го трансферираат во акционерски капитал во компанијата.

Во 2004 година бил дислоциран најстариот погон на Алкалоид од локалитетот во Автокоманда во новиот капацитет во Ѓорче Петров, каде што со повисоки стандарди и со пософистицирана опрема се обезбедувал и повисок квалитет на производството. Генералната определба на менаџерскиот тим за континуирано инвестирање, како услов за опстојување на светскиот пазар, останала, но со новата агенда вложувањата се насочиле главно кон опремата и кон технологиите. Нова, целосно автоматизирана опрема, со многу поголем капацитет и перформанси, била инсталирана во секторот Билкарство, а вакво осовременување било воведено и во секторот Козметика.

Во 2000 година Алкалоид – Фармација станал член на Европската генеричка асоцијација на производители на лекови. Во функција на врвниот квалитет на финалниот производ, значајни инвестициски фондови биле алоцирани и во процесот на контрола и на обезбедување на квалитетот на лековите – во најсовремена микробиолошка лабораторија вредна 1,2 милиони евра и уште 500.000 евра во новата хемиска лабораторија.

Во пресрет на 70-годишниот јубилеј, почнува имплементацијата на SAP, податочен софтверски систем, вреден над два милиони евра, кој со своите модули целосно ги интегрира сите деловни сегменти на компанијата. Со тоа Алкалоид останува лидер и во оваа област со оглед на тоа што тоа е првиот матичен SAP што една компанија го инсталира во земјата.

Од ноември 2002 година компанијата котира на официјалниот пазар на македонската Берза на долгорочни хартии од вредност. Алкалоид прв во Македонија го отвора и го потврдува својот легитимитет пред јавноста и транспарентно ги прикажува билансите и финансиското работење пред сите потенцијални инвеститори. Алкалоид е избран за најтранспарентна компанија што котира на Берзата за 2003 година, додека неговата акција е најликвидна и најтргувана на македонскиот Пазар на долгорочни хартии од вредност.

Во последните 20 години, Алкалоид во своето осовременување вложил помеѓу 70 и 80 милиони евра, а паралелно со воведувањето нови технологии се менувала и структурата на вработените во полза на високостручните кадри. Алкалоид во својата визија останува на определбата дека најголемата инвестиција за една компанија е во човекот и во неговата едукација за управување со нови технологии, што несомнено е важно за развојот и за битисувањето на компанијата, чија успешна приказна продолжува со нови предизвици.

Алкалоид минатата година пушти во употреба нови производни капацитети, чија вредност достигна 11 милиони евра. Новите производствени капацитети за цврсти фармацевтски форми се простираат на површина од 7.000 метри квадратни и се изведени во согласност со строгите прописи за Добра производствена пракса. Три и пол милиони евра од инвестицијата беа наменети за целосно технолошко подготвување на Одделението за пакување цврсти форми, со површина од 2.000 метри квадратни; 5,2 милиони евра беа искористени за техничко-технолошко опремување, а 2,3 милиони евра чинеше изградбата на два нови ката наменети за производство на цврсти фармацевтски форми и придружен простор за техничко-технолошка опрема, со вкупна површина од 5.000 метри квадратни. Целта на оваа инвестиција и идните вложувања во овој оддел се во насока на зголемување на производствените капацитети на цврсти фармацевтски форми за 50%.

Во периодот јануари-декември 2020 година во Алкалоид се реализирани 210 нови вработувања во Р.С.Македонија. На крајот на декември 2020 година во Алкалоид во земјата работат 1.832 вработени, додека во друштвата и во претставништвата во странство има вкупно 560 вработени или вкупно 2.392 вработени во групацијата.

Алкалоид минатата година ја заврши со добивка од 1.167.485.000 денари.

Групацијата Алкалоид е составена од две подружници во земјава, како и од 17 подружници и од две претставништва во странство, односно во Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, во Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Швајцарија, во Бугарија, Турција, Украина, Русија и во САД.

Фото: Pexels