Како се учи претприемништво од мали нозе

230

Секој родител тежнее и на своето дете му го посакува најдоброто на овој свет. Битно е да му се обезбедат сите неопходни услови за безгрижно детство, но и да изградат здрава основа да бидат независни и успешни кога ќе пораснат.

Можеби е премногу амбициозно уште од мали нозе да ги научите на важни претприемачки особини, но доколку вештините на успешните лидери им се адаптираат и вкоренат на децата, тогаш тие ќе прераснат во здрави, успешни и достоинствени луѓе.

Нека бидат финансиски писмени

Тоа не треба да значи дека децата треба да ги учите да земаат кредити, туку да ги научите на вистинските вредности и да им овозможите финансиска независност. Добро е да ја спознаат вредноста на парите, важноста за нивно рационално трошење, штедење за различни ситуации, инвестирање во важни работи… Некои експерти сметаат дека добро е на децата да им се даде џепарлак за да научат како се располага со ограничен износ, во ограничен временски период.

Научете ги да планираат и да контролираат

Секој претприемач добро знае дека без добар план не може да успее, а исто толку е важно и да научи да ги контролира извршените задача. Така ќе научи дали од точката А до точката Б се случила важна промена, што предизвикала таа, дали е усогласена со целите и со кои предизвици се соочува на патот кон остварување.

Нека знаат да се радуваат на успехот и да се справат со неуспехот

И успехот и неуспехот се составен дел од животот на секој претприемач. Тоа е исто како во спортот, секој спортисти треба да знае како да се справи со притисокот од натпреварот, како да научи да се радува, да го контролира нивото на адреналин предизвикан од постигнатиот резултат, но и да знае како да се справи со емоциите што ги доживува ако нешто не му успее.

Добро е да знаат како е да се биде дел од тимот

Претприемништвото е тимска работа, затоа е важно детето да научи да соработува, да го знае своето место и да знае да комуницира со останатите во тимот. На тој начин, децата се мотивираат да придонесат за поголем успех во тимот, да создадат услови за подобро и поуспешно извршување на обврските и полесно постигнување на целта.

Преку тимската работа ќе научат и да им помогнат на останатите, да споделуваат, да делегираат и да знаат како да научат да делат.

Фото: Pixabay