Како вашето хоби ве открива пред работодавачот

29

tim

Фото: Pexels

Многумина мислат дека прашањата од типот – Што сакате да правите во слободно време? или Кое е вашето хоби? не се толку важни кога работодавачот одлучува за вработување. Сепак, одговорот на тие прашања кажува многу за вас и открива како би се однесувале кон работните активности.

Еве неколку примери за тоа:

Тимски ориентирани

Имајќи во предвид дека многу работни места имаат потреба од вработен што добро функционира во тим, активности како групни спортови и волонтирање во проекти укажуваат дека сте личност којашто е подготвена да биде важен дел од организацијата.

Лидерски способности

Ако сте претседател на куќниот совет или пак имате одговорна функција во одреден клуб, тоа е доволно за работодавачот да увиди дека имате лидерски способности и можете да преземете иницијатива за да се заврши работата на вистинскиот начин.

Активно работите на подобрување на своите вештини

На работодавачот му е потребна личност што умее активно да работи на подобрување на своите знаења и умеења. Понекогаш е доволно само да кажете дека сте страствени за одреден спорт, се интересирате и следите технолошки достигнувања или случувања од било која област. Тоа сигурно нема да остане незабележано од страна на работодавачот и ќе ги зголеми вашите шанси за вработување.

Сестрани сте

Ако вашите активности не завршуваат кога по работното време ќе дојдете дома, доколку одите на дружење со пријателите, посетувате разни курсеви или одите на спортски активности, на работодавачот ќе му биде јасно дека сте сестрана личност. Секој би посакал вработен што има добри односи со колегите, постојано трага по нови решенија и може да придонесе за работата со својот иновативен пристап и новите идеи.

Се стремите кон остварување на целите

Вработен што не се откажува од своите цели и посветено работи на нивно остварување би посакал секој работодавач. Ако постојано изнаоѓате решенија кога ќе наидете на разни препреки тоа може да биде показател дека не се откажувате лесно од вашата замисла, ориентирани сте кон решенија и имате изразена креативна страна.

Можеби звучи чудно, но вашите активности и однесување надвор од работните вештини многу покажуваат какви ќе бидете на работното место. Затоа одговорот дека немате никакво хоби или интерес кон нешто не е најпаметна опција.