Како Зумба стана најголем фитнес бренд во светот?

132

perezДали сте се запрашале како се појави фитнес програмата Зумба? За тоа е “виновен” Алберто (Бето) Перез од Кали, Колумбија, а се започна случајно.

Во 1986 година, фитнес инструкторот, тренер и кореограф Перез, кој работел со ѕвезди како Шакира, ја заборава дома музиката за својот час по аеробик. Немајќи друга алтернатива, тој на часот пуштил латино музика и почнал да импровизира. Мешал салса со хип-хоп, па дури и со боливуд стил. На неговите ученици ова многу им се допаднало и набрзо се создава нова традиција која ќе се прошири по целиот свет.

Во 1999 година Перез одлучува да ја донесе Зумба во САД. Откако ќе продаде се што поседува, ќе се пресели во Мајами, Флорида, но работите нема да се одвиваат како што се надевал. Не го владеел англискиот јазик, па затоа никој не му давал шанса да го покаже она што го нуди.

Во 2001 година, Алберто Перлман оди кај мајка си на вечера и таа му раскажува дека оди на часови за танц, дека прекрасно си поминува и воопшто не се чувствува како да прави некакви рутински вежби. Перлман се заинтересирал и отишол да види како изгледа еден час. На истиот час, 25 годишниот Перлман одлучил со својот пријател од детството Алберто Агион да основаат компанија за ТВ реклами и ТВ продажба и ова да биде нивниот прв заеднички производ. Тогаш уште оваа фитнес програма не била наречена Зумба.

“Никогаш не мислевме дека ќе стане она што е сега”, вели Перлман.

zumba trojka
Алберто Агион, Алберто Перлман и Бето Перез (од лево кон десно)

На еден Зумба час се трошат околу 750 калории

Така Перлман и Агион се здружиле со Перез за да направат демо трака и да го лиценцираат брендот за продажба. Набрзо телефоните почнале да ѕвонат и тоа не само за лентите. Луѓето сакале да одат на часови, па дури и да станат инструктори. Тогаш тројката знаела дека од овде лежи добар бизнис. Во 2003 година во Мајами отвориле Зумба академија. Очекувале да се појават 20 луѓе, но на часот дошле 150. За две години, веќе имале обучено 700 нови инструктори.

“Ова е единствената фитнес програма којашто луѓето не ја посетуваат поради фитнесот, туку поради исполнетоста, радоста и убавото чувство, а фитнесот е само резултат на сето тоа. Знаеме многу луѓе кои преку Зумба ги фрлиле антидепресивите”, вели Перлман и додава дека свој придонес има и облеката што се носи на овие часови. За разлика од вообичаената темна облека за јога, Зумба облеката се одликува со светли и шарени бои.

Според него, на еден Зумба час се трошат околу 750 калории.

“Во моментов секоја недела 14 милиони луѓе одат на часови по Зумба во 150 земји во светот. Но Зумба нема тука да запре”, вели Перлман, кој очекува во следните неколку години бројот на Зумба ученици да стигне до 25 милиони.

Минатата година, компанијата направи 60 милиони долари само од продажба на облека и додатоци преку e-commerce платформи.

zumba