Каков впечаток оставате ако работите додека сте на одмор

odmor

Фото: Pexels

Одморот е време кога работникот се релаксира и ги полни батериите, но иако се на одмор сè повеќе менаџери остануваат поврзани со канцеларијата и работата.

Понекогаш невозможно е да се исклучите целосно кога ќе одите на одмор, бидејќи сте клучен играч во вашата компанија или може да има нешто од суштинско значење што се случува во тоа време. Но, ваквата ситуација нема да го уништи одморот ако внимателно се делегираат обврските со другите колеги во канцеларија. Ако останете поврзани со канцеларијата за време на вашиот одмор, тоа укажува на три негативни работи за вас и може лошо да се одрази врз компанијата.

Не менаџирате добро

Добриот менаџер ги држи работите под контрола и може да се справи со настанатите ситуации дури и кога не е присутен. Ако сте единствениот кој може да се справи со одредени работи, потребно е да направите план – правејќи промена во распоредот или договор со клиентите и колегите да ја извршите работата по одморот.

Ако вашата присутност е критична постои ризик дека работите нема да се завршат кога ќе бидете отсутни, а тоа е голем проблем на компанијата што треба да се реши. Кога работите ќе тргнат наопаку, раководството во компанијата нема да помисли на тоа дека сте неопходни, туку нивниот фокус ќе биде настанатиот проблем.

Не сте ангажирале добар кадар

Менаџирањето вклучува и надгледување на вработените како ги извршуваат работните активности. Ако постојано треба да им дадете насока, одговарате на прашања, или набљудувате, тоа значи дека сте направиле лоша селекција при изборот на кадри. Како менаџер можете да ангажирате нови работници или да вложите во развој и обука на оние кои ги имате. Во спротивно, тоа може лошо да се одрази врз компанијата, поради неспособноста да обучите кадри кои ќе може да ја преземат вашата работа кога сте на одмор. Ако не го надминете овој проблем, вашиот претпоставен нема да ви честита за носење на товарот, туку ќе ве гледа како пречка.

Премногу контролирате

Можеби мислите дека сте попаметни и поискусни од останатите вработени, но можеби ќе се изненадите дека и тие знаат да донесат правилни одлуки и добро да ја завршат работата. Одењето на одмор и оставањето на работните задачи на колеги кои сте ги обучиле нема да биде ризично за вашиот успех.