Какви протоколи ќе важат на свадбите?

27

Портпаролите на владата соопштија дека на вчерашната седница е донесен Протоколот за организирање свадби/прослави и веселби со цел да ја уреди Одлуката со која се дозволува организирање на свадби, прослави и веселби на отворен простор, односно летни тераси до максимум 100 лица и не повеќе од 50 проценти од капацитетот на просторот.

На новинарско прашање за Протоколот за организирање на свадби/прослави и веселби, портпаролот Хоџа посочи дека се утврдени стандардни процедури со кои тие ќе се одвиваат и информираше за дел од нив.

“Стандардната процедура која веќе е воспоставена е на влез да се користи задолжително средство за дезинфекција и да се мери температура. Просторот на летните тераси да е отворен од трите страни, забрането е поздравување со ракување, гушкање или друг вид на физички контакт со гостите. Музика, односно ангажирање на естрадни уметници е дозволено само при организирање на свадби, односно музичарите треба да бидат оддалечени најмалку пет метри од најблиската маса и не смеат да се движат и пеат помеѓу гостите. Дозволено е играње на подиумот со безбеден простор од четири метри квадратни по лице и со почитување на препорачаната дистанца“, посочи Муамет Хоџа.

Тој наведе дека во случај на движење во затворениот дел на гостите задолжително е носење маска.

“Дополнително, во однос на одговорноста, на организаторот на прославата и менаџерите на угостителските објекти сакаме да истакнеме дека организаторот има обврска според протоколот да достави листа на гости до одговорниот менаџер на објектот, кој има обврска да го евидентира секој гостин на прославата. Исто така, организаторот има обврска да ги запознае сите гости со препораките од овој Протокол. Менаџерот на угостителскиот објект е должен да ја регистрира и пријави прославата во Угостителската комора“, посочи портпаролот Хоџа.

На прес-конференцијата беше упатен апел до граѓаните да ги почитуваат сите препораки, сите препорачани мерки се со цел заштита на јавното здравје.

Фото: Pexels