Калифорнија ја тужи ExxonMobil дека манипулирала со јавноста за рециклирањето на пластиката

171

Сојузната држава Калифорнија поднесе тужба против ExxonMobil со обвинување дека со децении ја доведувала јавноста во заблуда за ефикасноста на рециклирањето на пластиката.

Ова е прва ваква тужба против нафтено-енергетска компанија.

Тужбата тврди дека ExxonMobil, втора по големина нафтена компанија во светот и прв светски производител на полимери, главните состојки за изработка на пластични производи, со децении знаела дека рециклирањето на пластиката е технички и економски предизвик и дека нема да помогне во значително намалување на огромната количина пластичен отпад што завршува во животната средина.

И покрај тоа, тужбата наведува, компанијата постојано промовира дека рециклирање е изводлива опција.

-ExxonMobil со децении ја доведуваше јавноста во заблуда за да не убеди дека рециклирањето на пластиката може да го реши проблемот со отпадот и загадувањето од пластика, кога тие јасно знаат дека тоа не е можно, изјави главниот обвинител на Калифорнија, Роб Бонта.

Од вкупната пластика што се произведува во светот, само шест отсто се рециклира, во САД таа бројка е помала, и изнесува четири отсто.

ExxonMobiл не одговори на барањата за коментари од американските медиуми.

Тужбата тврди дека ExxonMobil ја манипулирала јавноста и со тоа поттикнала прекумерното користење на пластика, што се произведува од јаглеводородни горива.

Тоа предизвикало проблем со отпадот што го чинело државата повеќе од 400 милиони долари годишно за чистење.

-Пластиката е насекаде, од длабочините на морето до највисоките планински врвови, ја има и во нашите органи како микропластика, штетата за сите е направена, изјави Бонта.

Во поднесокот на канцеларијата на државниот обвинител на Калифорнија се цитира извештај што открива дека индустријата за пластика го промовирала рециклирањето иако нејзините претставници долго знаеле дека таа активност веројатно никогаш нема да биде ефикасна во голем обем.

Истрагата на калифорниското обвинителство започнала пред две години.