Каматните стапки на ЕЦБ се приближуваат до максимумот

Јанис Стурнарас, член на Управниот совет на Европската централна банка (ЕЦБ), предупреди дека креаторите на политиката на оваа кредитна институција треба да бидат внимателни и да избегнуваат големи или мали скокови во однос на одлуката за каматните стапки.

Стурнарас во интервју за грчките медиуми нагласи дека секоја ваква одлука треба да се заснова на податоци „токму затоа што сме блиску до плафонот, блиску до максималното зголемување“.

„Блиску – не реков уште дека сме пристигнале, но се приближуваме до тоа“, рече Стурнарас, пренесува Спутник.

Забелешките дојдоа откако ЕЦБ минатиот месец одлучи да ја зголеми референтната каматна стапка за 0,5 процентни поени на 3,5 отсто.

Ова беше направено и покрај стравувањата дека зголемувањето на каматните стапки може да предизвика домино ефект во банкарскиот сектор низ еврозоната.

Претставниците на ЕЦБ објаснија дека инфлацијата најверојатно ќе остане висока „предолго“, што, како што рекоа, ја охрабрило банката да продолжи со планираното зголемување на каматните стапки, пренесува SEEbiz.