Канада ги отвори границите за целосно вакцинирани странци

32

Канадските власти од денеска ги отвораат државните граници за целосно вакцинирани странци кои сега можат и туристички да патуваат во земјата.

Според соопштението на канадското Министерство за надворешни работи, државјани на други земји кои се целосно вакцинирани само со вакцини на Pfizer, Moderna, Johnson & Johnson и Astra Zeneca, можат да пристигнат во Канада најмалку 14 дена после втората доза. Покрај тоа, туристите мора да имаат и негативен ПЦР тест направен до 72 часа пред да пристигнат во Канада, како и да се регистрираат во специјална апликација за патување.

Царинските службеници го задржуваат правото да упатат патник на експресен тест за коронавирус. На целосно вакцинираните странци нема да им биде потребен 14-дневен карантин, како што сега им е наложено на невакцинираните Канаѓани кога ќе се вратат дома.

Министерството за надворешни работи појасни дека децата под 12-годишна возраст можат да бидат без вакцини, но мора да бидат придружени од целосно вакцинирани родители или старатели. Тие, исто така, не мора да бидат во карантин две недели, но на тие деца им е забрането да ги посетуваат образовните институции и преполните места во текот на првите 14 дена од нивниот престој во Канада.