Канада ги враќа сите турбини на „Сименс“ во Германија

48

Канадското Министерство за надворешни работи најави дека ќе и врати на Германија пет турбини за гасоводот „Северен тек 1“, кои се ремонтираат во Монтреал. Шефот на канадската дипломатија Мелани Џоли изјави дека Русија треба да ја преземе ремонтираната турбина на „Сименс“ од Германија.

„Тоа е одлуката што ја донесовме. Токму тоа од нас побара Германија“, рече Џоли, додавајќи дека Канада „не би сакала да и дава изговори“ на руската влада да ја користи енергијата како оружје против Европа. Германскиот канцелар Олаф Шолц потврди дека Берлин ќе соработува со Отава за враќање на петте турбини од Монтреал, пренесе „Комерсант“.

Руската компанија „Газпром“ одби на почетокот на овој месец да преземе една од шесте гасни турбини „Сименс“, кои Канада и ги испорача на Германија по ремонт. „Газпром“ наведе дека поради канадските санкции и без согласност на компанијата, моторот наместо во Русија бил испратен во Германија, што не е во согласност со условите од договорот.

Претходно, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека „Газпром“ многу би сакал да ја добие турбината“, но дека „Газпром“ не е тој што ги вовел санкциите.

„Во овој случај, важно беше „Газпром“ да добие правни документи дека оваа турбина не е санкционирана. Апсолутно не се доволни само зборовите во овој случај“, рече Песков во таа прилика, пренесе „Russia Today“.

Киев ја критикуваше канадската влада дека се согласила со барањето на Германија да го изземе „Сименс“ од санкции за да може турбините да бидат вратени. Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Кремљ ќе го сфати овој потег како „знак на слабост“. Канадската влада објасни дека овој потег е неопходен за да се обезбеди снабдување со гас за Германија.

Отава тврди дека Москва ќе го искористи одбивањето на Канада да ја врати турбината за да ја префрли вината за недостигот на енергија во Европа на санкциите наметнати на Русија. Според канадската влада, ова може да ја поткопа јавната поддршка на западните земји за Украина, пренесе „CBC“.

По ремонтот во јули, „Газпром“ ја намали испораката на гас за Германија преку „Северен тек 1“ на 33 милиони кубни метри дневно, што е околу 20 отсто од вкупниот капацитет на гасоводот. Руската компанија најави нов ремонт од 31 август до 2 септември, при што целосно ќе биде прекинат протокот на гас. Поради стравот дека Русија целосно ќе ја запре испораката на гас за Европа, цената на гасот на Стариот континент надмина 3.000 евра за 1.000 кубни метри.

Германија ја обвинува Русија за намерно попречување на испораката на гас, како и за добивање на ремонтната опрема и дека турбината е само изговор, а Москва го користи гасот како политичко оружје. Тие немаат храброст да кажат „ние сме во економска војна со вас“, изјави германскиот министер за економија Роберт Хабек, пренесе Ројтерс.

Гасоводот „Северен тек 1“ моментално работи само со една турбина. Гасната станица „Портоваја“ која испумпува гас, наводно има уште четири турбини во резерва, но не ги поврзува. Според податоците што ги користат медиумите, станицата би можела да го обезбеди целосниот капацитет на испораки со четири од вкупно шест турбини.