Картелска зделка во здравството: „Д-р Пановски“ и „Фарма Трејд“ казнети за картел во тендер за инсулин

Вишиот управен суд со пресуда ја потврди одлуката на Комисијата за заштита на конкуренцијата со која се утврдува дека веледрогериите АД „Д-р Пановски“ и „Фарма Трејд“ ДООЕЛ Скопје склучиле забранет договор – картел, при учество во постапка за јавна набавка на лекови и медицински помагала.

Станува збор за тендер распишан од Министерството за здравство уште во 2016 година за набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли, ленти за мерење шеќер и инсулински пумпи со потрошен материјал. Наместо да конкурираат независно, двете компании, спротивно на Законот за заштита на конкуренцијата, договарале цени и пазарен настап, што претставува тешка повреда на принципот на слободна конкуренција.

Комисијата утврди дека со ваквото постапување, веледрогериите свесно се стекнале со противправна имотна корист на штета на државниот буџет. За сторениот прекршок, АД „Д-р Пановски“ е казнета со глоба од 1.061.000 евра, а „Фарма Трејд“ со 721.000 евра.

Пресудата е потврдена од Управниот и Вишиот управен суд, со што решението станува правосилно и извршно. Компаниите се обврзани да ја платат глобата во законскиот рок.

Комисијата најави дека за откриениот картел ќе поднесе соодветно известување до Управата за финансиска полиција и до Јавното обвинителство, со цел покренување на натамошна кривична постапка.

Фото: Pixabay