Каталонски клуб во минус од 97 милиони евра поради пандемијата

32

Каталонскиот фудбалски гигант, Barcelona е тешко погоден од кризата што ја предизвика пандемијата од коронавирусот. Шпанскиот прволигаш, според објавените податоци, прикажа загуба од 97 милиони евра во фискалната 2019/2020 година.

За Barcelona годината заврши со приходи од 855 милиони евра или над 200 милиони помалку од предвидените за тој период. Иако очекувале добивка од 11 милиони евра, сметководствените пресметки покажуваат загуба по оданочување во висина од 97 милиони евра. Како причина за загубата се наведуваат намалените приходи поради пандемијата.

Откако пандемијата почна да зема поголем замав во Европа, спортските клубови целосно ги забранија натпреварите, а дел беа одиграни без публика. Освен тоа, поради неиграњето, клубовите не ги добија и парите од телевизиски права и трансфери на играчи.

Бидејќи беше воведен и карантин и забрана за патувања, кон загубата на Barcelona влијае и тоа што немаше посетители и фанови на Camp Nou кои вообичаено купуваат сувенири, дресови и различни брендирани додатоци.

За следната фискална година 2020/2021, спортскиот клуб планира приходи од 791 милиони евра, но не е јасно дали ќе може да се исполнат овие проекции.

Фото: Facebook