Катар ервејс по осми пат ја доби наградата „Skytrax“, позната како Оскар во комерцијалната авијација, која се доделува на најдобрата авиокомпанија во светот како признание за квалитетот на услугите што им ги нуди на патниците.
„Ова е извонредно достигнување за „Катар ервејс“, бидејќи оваа година по осми пат е прогласена за најдобра авиокомпанија во светот“, рече извршниот директор на „Skytrax“, Едвард Плаистед на церемонијата на доделување награди, на која се собраа директори од најголемите авиокомпании во светот во близина на лондонскиот аеродром Хитроу, пренесува CNN.
Блискоисточниот авиопревозник изгради силна репутација во текот на изминатата деценија, помагајќи му на наградуваниот меѓународен аеродром Хамад во Катар да стане глобален авијациски центар, парирајќи им се на регионалните ривали Дубаи и Абу Даби.
Флотата на Катар од 230 авиони се движи од девет A380, до Boeing 777-300ER, Boeing 787-8 и 787-9, Airbus A350-900 и A350-1000, со голем број авиони со помал капацитет.
„Ова е горд момент за „Катар ервејс“ и чест ми е да ја споделам наградата со моите колеги“, изјави извршниот директор на „Катар ервејс“, Бадр Мохамед Ал-Мер.