
Катарската енергетска компанија QatarEnergy потпиша 27-годишен договор за набавка на природен гас со италијанскиот енергетски гигант Eni. Снабдувањето со течен природен гас (LNG) за Тоскана треба да започне во 2026 година.
Катар овој месец веќе склучи сличен договор со Велика Британија и Франција.
Според договорот, катарската компанија ќе испорачува по еден милион тони природен гас во Италија секоја година, пренесува француската новинска агенција АФП.
„Денеска направивме уште еден важен чекор во зајакнувањето на нашата континуирана соработка со Eni“, рече катарскиот министер за енергетика и извршен директор на Катар Енеџи Саад ал-Каби. Во исто време, тој ја повтори својата посветеност за континуирано и сигурно снабдување со енергија во Европа.
Ова не е прва соработка меѓу катарските и италијанските компании. Имено, ова се приклучи на минатогодишниот проект на QatarEnergy за проширување на пумпањето на најголемото наоѓалиште на природен гас во Катар, Северното поле. Со проширување на пумпната станица, Катар планира да го зголеми производството на ЛНГ за најмалку 60 отсто на 126 милиони тони годишно до 2027 година, што дополнително ќе ја консолидира една од водечките улоги во производството на ЛНГ во светот.
Катарците склучија сличен договор за снабдување со гас со британската компанија Шел и француската компанија Тотал Енерџис, со кој европските земји го заменуваат рускиот гас од кој се откажаа по руската воена инвазија на Украина. Минатата година QatarEnergy потпиша 27-годишен договор за снабдување со гас со кинеската компанија Sinopec. Наводно, ова е најдолготрајниот договор во историјата на индустријата.











