Катар и Саудиска Арабија ја предупредуваат Европа: Најлошото допрва доаѓа

183

Катарскиот министер за енергетика предупреди дека „најлошото допрва доаѓа“ кога станува збор за недостигот на нафта и гас во Европа, велејќи дека топлата зима помогнала да се избегнат големи тешкотии во последните месеци.

Сад ал Каби и неговиот саудиски колега принцот Абдулазиз бин Салман изјавија дека недостатокот на инвестиции во нафта и гас, додека светот се обидува да се префрли на почисти горива за да го спречи глобалното затоплување, ризикува да предизвика енергетска криза, пренесува агенцијата Франс прес.

„Единствено што го спаси човештвото и Европа оваа година беше топла зима и забавување на економијата“, рече катарскиот министер. „Ако економијата почне повторно да се буди (во 2024 година) и имате просечна зима, мислам дека најлошото допрва доаѓа“.

Откако Европа воведе санкции кон Москва и одлучи да ја намали зависноста од руските енергетски извори, дојде до енергетска криза, која беше надмината благодарение на поблага зима од вообичаеното.

Но, Каби и принцот Абдулазиз од Саудиска Арабија, најголемиот светски извозник на нафта, предупредуваат дека иднината ќе биде проблематична.

„Ако (европските лидери го имаат) вистинскиот план и седнат на маса со производителите, а компаниите за нафта и гас не се демонизираат, тие ќе ја разберат реалноста и ќе имаме разумно решение“, рече Каби.

Саудискиот принц Абдулазиз исто така рече дека Европа е „спасена со Божјиот дар“ минатата зима и дека глобалната енергетска безбедност е загрозена.

„Енергетската безбедност е попречена. Снемува капацитет затоа што земјите не инвестираат во нафта или гас“, рече тој, исмејувајќи се на напорите за почисти горива, вклучително и зелен водород, кој се произведува со обновлива енергија.

„Луѓето одат наоколу зборувајќи за синиот, зелениот, виолетовиот, розовиот водород, но во крајна анализа, кој ќе биде купувачот? Која би била цената на водородот? Не зборуваме за нафта, не зборуваме за гас. Зборуваме за таканареченото најчисто, најзелено гориво во иднината. А сепак немате клиенти“, рече Абдулазиз.