Катар очекува помали буџетски приходи поради пониските цени на нафтата

13

Катар очекува помали буџетски приходи оваа година поради пониските цени на нафтата, изјави министерот за финансии Али Ал Кувари, залагајќи се за итно мирно решение на конфликтот во палестинскиот Појас Газа.
Катар е меѓу водечките светски извозници на течен гас, а во 2022 година забележа рекорден приход од извозот бидејќи цените пораснаа под влијание на руската инвазија на Украина.

Годинава буџетскиот приход ќе се намали за 11 отсто, изјави министерот за Ројтерс, бидејќи тргнува од многу конзервативна проценка на цената на нафтата од 60 долари за барел.

„Во пресметката на приходот, секогаш сакаме да тргнеме од конзервативна (проценка) на цената на нафтата“, рече Кувари.

Според него, буџетските трошења треба да се намалат за еден процент, што значи дека катарскиот буџет повторно ќе биде суфицит, но помалку отколку во 2023 година, нагласи катарскиот министер.

Тој истовремено предупреди дека војната во палестинскиот Појас Газа, доколку продолжи, може негативно да влијае на економиите на целиот Блиски Исток.

Итно е да се најде мирно и трајно решение за главното блискоисточно прашање, а тоа е палестинскиот проблем, рече тој.