Катар оваа зима нема да пренасочува гас во Европа

Катар енерџи работи на зголемување на производството на гас во услови на зголемена глобална побарувачка, но оваа зима во Европа нема да го пренасочува течниот гас (ЛНГ) договорен со азиските купувачи, соопшти денес извршниот директор на катарската компанија.

Катар спаѓа во водечките светски извозници на течен гас, а неколку европски држави се обидуваат со преговори да добијат повеќе гас за да обезбедат замена за увозот од Русија и да ја прекинат кризата во снабдувањето.

„Договорите за Катар се апсолутно свети. Значи, кога со азиските или европските купувачи ќе потпишеме договор, ние го почитуваме“, им кажа на новинарите извршниот директор на Катар енерџи Саад ал Кааби, воедно и катарски министер за енергетика.

„Во Европа ќе биде доставено договореното количество гас. Но гас нема да се зема од азиските купувачи и да се испраќа во Европа“, додаде тој.

Катар сака да ја зацврсти позицијата на главен снабдувач на Европа со течен гас, а потребите се големи бидејќи санкционираниот руски гас сочинува речиси 40 отсто од увозот.

Катар планира зголемување на капацитетите за течен гас до 2027 година за 77 милиони тони на 126 милиони тони годишно.