Катар заинтересиран за инвестирање во земјава

37

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, се сретна со Јасим бин Хамид Ал-Тани, новиот амбасадор на Државата Катар во нашата земја.

На состанокот се поздравени членството на Република Северна Македонија во НАТО и политиките на дијалог и пријателство на премиерот Заев, што донесоа решение на долгогодишниот спор со Република Грција, за што е оценето дека е успешен пример во светски рамки.

Оценето е дека Република Северна Македонија е мирољубива и пријателски определена држава којашто бележи напредок и има потенцијали за натамошен развој. Пренесен е интерес од Катар за разгледување можности за инвестиции во земјава.

“Ние сме насочени кон евроатлантските интеграции како стратешка определба на државата и истовремено работиме на создавање услови за подобар животен стандард и за економски развој на државата. Во таа насока ни е важна соработката со сите држави, посебно на економски план”, рече премиерот Заев.

На средбата е констатирано дека се унапредува соработката со Катар во делот на енергетиката, како и дека постојат можности за продлабочување на соработката во областа на туризмот, транспорт, земјоделие, културата.