Градоначалникот на Дојран, Борче Стамов денес одржа информативна средба со приватните издавачи на легла, со цел да се запознаат со новиот систем за категоризација кој годинава ќе се воведе за прв пат.
Како што информира Стамов, туристичкото биро ќе има прецизен увид на приливот на туристите во текот на летниот период со цел да им се обезбеди пријатен престој во Дојран.
“Истовремено ниту еден од издавачите кои се пријавиле во бирото со соодветни документи не смее да остане празен”, рече Стамов нагласувајќи дека токму поради тоа издавачите на легла треба да го прифатат туристичкото биро како пријател кој ќе им помогне.
За време на средбата присутните се запознаваа со документите кои треба да ги поседуваат, како и со договорите кои мора да ги направат со туристичкото биро, како би можеле да издаваат легла без да бидат подложни на санкции кои ќе се применуваат согласно законот кон дивите издавачи.
“Постапката ќе се одвива во три чекори, а завршува со склучен договор. Издавачите на легла ќе мора објектот да го обележат со информативна табла и други знаци што ќе им ги наложи комисијата за категоризација. Со тоа ќе им овозможат на туристичките инспектори лесно да ја утврдуваат фактичката состојба и да преземаат санкции кон сите што ќе ги злоупотребат правилата”, рече раководителот на туристичкото биро Перо Митаноски и додаде дека средствата од туристите ќе се употребат за подобрување на квалитетот и условите за живеење во општина Дојран.