
Во Грција, од јануари годинава, стапи на сила закон со кој се забранува поставување шатори, како и паркирање приколки, полуприколки и кампери на археолошки наоѓалишта, крајбрежни зони, плажи, на границите на државните шуми и генерално на јавни површини. Ова го пренесува дописничката на МИА од Атина. Во спротивно, за непочитување на законот се предвидени санкции.
За прекршување на одредбите, законот предвидува затворска казна до три месеци или парична глоба во висина од 300 евра по лице, шатор или возило. Казната ја изрекува полицијата или крајбрежната стража, кои се надлежни да го констатираат прекршокот.
“При контрола од страна на мешани тимови, казната ја изрекува полицаецот кој бил присутен за време на проверката”, се вели во законот.
Дополнително, во законот се наведува дека “При паркирање на горенаведените возила, онаму каде што е дозволено согласно Законот за безбедност во сообраќајот, не е дозволено да се зафаќа дополнителен простор за возилото.” Исто така, забрането е бесплатно сместување на повеќе од еден кампер од страна на приватни лица.
Иако законот беше усвоен кон крајот на јануари, во Грција стана актуелен изминативе денови, откако минатиот викенд на Пелопонез, тројца кампери беа казнети со 300 евра за несоодветно паркирање на бесплатен јавен општински паркинг, на кој, според медиумите, немало никаков знак што забранува паркирање на кампери во таа зона.
Во врска со овој случај, реагираше Грчкиот клуб на кампери, со оглед на тоа што казнетите се нивни членови. Управниот одбор одлучи, во соработка со правниот застапник, да подготви писмо до релевантните министри за туризам и транспорт со барање за дополнително објаснување на спорниот член 27 од законот. Тие планираат да го покренат прашањето и во Парламентот.
Од клубот најавија дека “врз основа на одговорите што ќе ги добијат, ќе ги одредат нивните следни чекори и доколку е потребно ќе свикаат и вонредно Генерално собрание.”