Ќе опстане ли брендот Credit Suisse?

21

UBS одамна сигнализираше дека повеќе би сакала да го преземе профитабилниот бизнис на својот поранешен локален ривал Credit Suisse под свој бренд, наместо да го издвојува како посебен ентитет, т.е. бренд – но изборите во Швајцарија, кои треба да се одржат во октомври, ги принудија директорите да го минимизираат планот. Укинувањето на работните места, кои најверојатно ќе следат, би ја дополниле контроверзноста околу пазарната моќ што сега ја има UBS во Швајцарија, пишува Bloomberg.

Сè уште не е донесена официјална одлука и плановите би можеле да се променат. Портпаролот на UBS Group одби да ги коментира плановите.

Претходно овој месец, UBS објави дека го раскинува договорот со швајцарската влада во кој државата гарантира загуби до 10 милијарди долари кои би можеле да произлезат од преземањето на Credit Suisse. Овој потег, ослободувајќи ја банката од врските со јавните фондови, ѝ дава на групата UBS поголема флексибилност во нејзиниот план за Credit Suisse. Со него се укинува и обврската за известување до Владата за управувањето со средствата опфатени со државниот заштитен механизам.

Веќе пет месеци владата се воздржува од заземање експлицитен став за тоа каква треба да биде иднината на швајцарскиот бизнис на Credit Suisse. Финансискиот регулатор Finma во март изјави дека примената на правилата за конкуренција е подредена на приоритетите за финансиска стабилност содржани во преземањето.

„UBS е слободен да го избере својот бизнис модел во рамките на регулаторната рамка“, рече портпаролот на швајцарската влада како одговор на прашањата за интеграцијата на домашниот бизнис на Credit Suisse.

Сега постои потенцијал за укинување на илјадници работни места во Швајцарија. UBS треба да објави подетални информации за својата стратегија, заедно со резултатите од вториот квартал.

Фото: Facebook