Ќе падне изградбата на нови станови во Европа поради високите трошоци

38

Изградбата на нови станови во Европа нагло ќе ослабне во наредните години поради зголемените трошоци, објави германскиот институт Ifo, повикувајќи се на проекциите на мрежата на европски институти Еуроконструкт.
Европа ќе добие само околу 1,5 милиони нови станбени единици до 2026 година, 13 отсто помалку отколку во 2023 година, објави Институтот за економски истражувања Ifo, член на мрежата.

Оценката ги опфаќа Германија, Франција, Шведска, Данска, Австрија, Белгија, Чешка, Финска, Унгарија, Италија, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Шпанија, Швајцарија, Словачка, Велика Британија и Ирска.

Бројот на новоизградени станови во Шведска најмногу ќе се намали до 2026 година, за дури 47 отсто во однос на 2023 година, покажува истражувањето на Еуроконструкт. Следува Германија со прогнозиран пад на бројот на нови станови за 35 отсто, истакнува минхенскиот институт.

Во Франција би требало да се намали за 22 отсто, а во Данска за 19 отсто. Светли точки се Ирска, Словачка и Обединетото Кралство, со прогноза за 16, 14 и 12 отсто повеќе нови станови отколку во 2023 година.

Инвестициите во нови станбени згради во Европа треба да се намалат за 6,4 отсто во набљудуваниот период, а трошоците за одржување и реновирање станови за 1,2 отсто, покажа истражувањето.