Ќе се извезуваат македонски производи без царина во Украина

50

Во срдечна и пријателска атмосфера, со многу конструктивни предлози од двете страни, кои ја одразуваат заедничката желба да се зајакне и продлабочи билатералната економска соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Украина заврши Третата седница на меѓувладината комисија по Договорот за македонската влада и украинската влада за трговска и економска соработка со која преседаваа министерот за економија Крешник Бектеши и заменик министерот за економски развој, трговија и земјоделство на Украина, Тарас Качка во улога на домаќин.

“Традиционалното пријателство меѓу двете земји претставува предуслов и стабилна основа за соработката да продолжи со позитивен тренд во периодот што претстои во сите области од заеднички интерес, а посебно на економски план. Во последните две години односно пред пандемијата, успеавме за граѓаните на двете земји да им овозможиме безвизен режим за краткорочен престој од 90 дена, директен авио лет Киев-Скопје и обратно, како и збратимување на седум општини од Северна Македонија и Украина. Со ова се  интензивира севкупната соработка, преку олеснување на деловните врски и контакти меѓу двете земји, како и развој на туризмот. Двете земји имаат исти приоритети, а тоа се евро-атлантските структури, при што од секаков вид на взаемна поддршка на патот кон придружување во  евроатланските организации е добредојдена. Тоа се потврдува и со Планот за политички консултации што двете Министерства за надворешни работи го потпишаа пред пандемијата. Оваа година, двете земји во рамки на билатералните односи,  успеаја да договорат нова либерализација согласно Договорот за слободна трговија. Се надевам во најскоро време ќе се потпише таа либерализација, бидејќи е значаен поттик за компаниите да можат да извезуваат голем број на производи кои се домашно производство, без царина или со намалена царина“, рече Бектеши, изразувајќи го задоволството што по 12 години од одржување на втората седница на оваа меѓувладина комисија.

Министерот информираше дека Северна Македонија веќе започна промотивна кампања за извозниот потенцијал на македонски производи и дека Украина е голем пазар за македонското вино и земјоделски производи, и во таа насока предложи за можност за промоција, учество на саеми и бизнис форуми.

“Ги активиравме трговските односи по пат на измена на Договорот за слободна трговија со цел овозможување на високо ниво на трговска либерализација и олеснување на трговијата, следејќи ги обврските на двете земји поврзани со полноправното членство во Светската трговска организација. Со новата либерализација што ја договоривме за земјоделско-прехранбениот сектор, даваме можност нашите производи да добијат конкурентска предност бидејќи ќе се извезуваат без царина или со намалена царина. Најзначајната работа е што се укинаа квотите кои важеа од склучувањето на договорот за слободна трговија од 2001 година, со оглед дека истите покажуваа секоја година слаба искористеност, сега се дава можност, како што е чоколодото, виното, примарните земјоделски производи да се извезуваат на двете страни без квота и без царина“, кажа министерот Бектеши.

Заменик министерот Качка ги презентираше макроекономските показатели на земјата како и економските и трговските податоци помеѓу Северна Македонија и Украина.

Напомена дека обемот на трговска размена е под силно влијание на пандемијата и глобалната економија.

Според статистичките податоци билатералната трговија помеѓу Северна Македонија и Украина во 2020 година е со пад од 35% и изнесува вкупно 99,8 милиони евра во однос на 2019 година кога изнесувала 135,8 милиони евра, додека во првите четири месеци од 2021 година изнесува 51 милион евра.

На крајот на еднодневните работни средби, на кои експертите од двете земји, ги договорија конкретните предлози за остварување на идни цели и за изнаоѓање на решенија за подобрување на условите за економска соработка, беше потпишан Протокол во кој се дефинирани новите можности на идната економска соработка

“Ценам дека наша заложба како ко-претседвачи е да ги подржиме нивните предлози и заедно да работиме на нивно остварување до следната Четврта седница. Ме радува фактот што се договорени конкретни работи. Договорено е се подготви и потпише работна програма за мобилност на научници, професори, стипендисти и др. помеѓу министерствата за образование на двете страни, денес се потпишаа две спогодби: едната за соработка во областа на млади и спорт, втората во областа на карантин и заштита на растенија, потоа пројавен е интерес да се склучи договор или меморандум во областа на стандардизација, метрологија и акредитација, да се продлабочи соработката во туризмот, транспорт, енергетика се одлични можности за соработка“, кажа министерот Бектеши.

По потпишување на Протоколот на меѓувладината комисија од страна на министерот Бектеши и заменик министерот Качка, беше потпишана Спогодба за млади и спорт помеѓу Агенцијата за млади и спорт на Северна Македонија и Министерството за млади и спорт на Украина, а беше потпишана и Спогодба за соработка во областа на карантин и заштита на растенијата.

Договорот за македонската влада и украинската влада за трговска и економска соработка е потпишан во 1998 година.