Со законските измени на Законот за градежно земјиште, што ги усвои Владата, ќе се овозможи откуп на земјиште под легализиран објект и во случај да не е донесен урбанистички план.
“Ова беше едно од поголемите барања на граѓаните кои веќе си ги легализирале објектите, бидејќи некои од општините, особено руралните, немаат донесено детални урбанистички планови. Со ова им излегуваме во пресрет. Со измените на Законот се овозможува и во случај да нема детален урбанистички план граѓанинот што има легализирано објект првин да си го откупи земјиштето под објектот. Кога ќе се донесе планот ќе може да го откупи и останатото земјиште”, рече министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на денешната прес-конференција.
Јанакиевски презентираше измени на законите за градење и за градежно земјиште, со кои очекува потранспарентни и поефикасни процедури во процесот за издавање одобренија за градење и во постапката за продажба на градежно неизградено земјиште.
Законските измени овозможуват и да се воспостави службеност на државно неизградено градежно земјиште, пред се за инфраструктурни објекти, како што се малите хидроцентрали.
Покрај одобрението за градење кое од 1 јуни се издава електронски, на таков начин ќе се спроведуваат и останатите постапки предвидени со Законот за градење, како што се одобренијата за реконстукција, за доградба…
Со предложените измени на Законот за градење, се овозможува од 1 ноември годинава целиот систем за одобренија за градење да биде по електронски пат, за што веќе се изготвува софтвер. По електронски пат досега се издадени пет одобренија за градење, со просечен рок од 25 дена. Претходно одобренијата се издаваа во просек за 45 дена.
“Кај дел од општините има неподготвеност и проблеми, но нема да се откажеме од овој процес. Организиравме обуки за општините и генерално сега сите се подготвени за издавање одобренија за градење. Уште на почетокот кажав дека ќе има мали проблеми, но ги решаваме во од. Генерално системот е одличен, над 90% од општините се подготвени и нема некој поголем застој во издавањето одобренија”, рече Јанакиески.
Значајна новина што се предлага со законските измени, како што информира, е што при процесот на продажба на градежното државно земјиште по електронски пат ќе се доставуваат и апликациите.
Општините и Министерството за транспорт и врски се обврзуваат целокупната документација, како што е извод од план, нумерички податоци, имотен лист… да биде на веб апликацијата. Доколку не се ставени тие документи самиот софтвер нема да овозможи почеток на јавното наддавање.
Министерот додаде дека следењето на постапките ќе биде по електронски пат, како и постапката за дооформување на градежните парцели.
Друга новина е и тоа што во случај на раскинување на договор 80% од уплатените средства за земјиштето нема да бидат вратени. Досега се враќаше целиот износ на уплатени средства.
Според Јанакиески предложените законски измени треба да бидат усвоени од Собранието најдоцна до крајот на октомври годинава.