Ќе се отвори Центар за поддршка на домашните компании за настап на НАТО пазарот

41

Во Министерството за одбрана наскоро ќе почне со работа Центарот за поддршка на домашни компании за настап на НАТО пазарот, кој што се формира по членството на државата во Алијансата и по измените на Законот за тендери во одбраната, и ќе има за цел да им помогне во тој процес, изјави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

“Измените на Законот за јавни набавки во одбрана и безбедност кои денеска стапија во сила ни ја отвараат шансата да им помогнеме на сите македонски компании во настапот на НАТО пазарот. Со нашето членство во НАТО за сите домашни компании се отвори огромен пазар. Колку ќе искористиме ќе зависи од креативноста, способнота и интересот на македонските компании, но и од поддршката која што ќе ја нуди државата. Ова беше законскиот основ, ние во следните недела дена ќе ги донесеме и подзаконските акти кои што се неооходни за да им помогнеме на компаниите буквално да знаат што и како е планот и веднаш потоа ќе започне со работа Центарот за поддршка на македонски компании за настап на НАТО пазарот, кој што го формиравме во Министерството за одбрана. Тоа е новината, ќе биде многу мала група на луѓе која ќе се посвети исклучиво да им помогне на домашните компании со сета она админустрација, документи кои што ќе им бидат потребни на НАТО пазарот“, рече Шекеринска во одговор на новинарско прашање.

Таа додаде дека веќе имале неколку состаноци со коморите, со специјализирани компании, од кои еден дел биле и чекор пред државата и без помош можат да го изодат патот, пренесува МИА.

“Но, државата е тука за да го прави тој цел процес поедноставен и веднаш што ќе бидат подготвени подзаконските акти, планот ни беше да направиме едно посебно информирање на јавноста, сите податоци и докумемти ќе бидат достапни на веб-страницата на Министертсвото за одбрана и буквално стоиме на располагање за секој кој сака да се проба на тој голем, но и тежок пазар. Државата ќе биде сојузник на сите компании кои ќе ја имаат и амбициозноста и квалитетот да се борат, потенцира Шекеринска.

Фото: Pixabay