Ќе се проверуваат залихите и цените на заштитни средства во аптеките

79

Владата на денешната седница ја разгледа Информација во врска со следни чекори и одлуки кои се однесуваат на превенција на ширење на корона вирусот.

На оваа своја седница, Владата ги задолжи Пазарната инспекција и Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија (МАЛМЕД) да направи увид и контрола на залихите на заштитните средства за заштита од пренесувањето на вирусот во аптеките и доколку утврди неосновано покачување на цените да преземе мерки соодветно за законските прописи и овластувања.

Во насока на натамошна соодветна превенција, Владата го прифати предлогот на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, одржана на 27 февруари 2020 година, формиран врз основа на мислењето на Комисијата за заразни болести во Министерството за здравство, и донесе заклучок да им се препорача на организаторите да ги откажат сите јавни собири до шести март оваа година.

Препораката на Владата се однесува на поголемите јавни собири кои се планирани во овој период, како што се Струмичкиот карневал, Карневалот Прочка во Прилеп и сите слични.

Владата им препорачува на организаторите на спортските настани, натпреварите во утврдениот период до шест март да се играат без публика.

Истата препорака на Влада се однесува и на сите други поголеми забавни и културно – уметнички манифестации.

Владата на денешната седница препорача сите организатори на други јавни настани своите одлуки да ги донесуваат врз основа на консултација и мислење на Комисијата за заразни болести.

Владата ја задолжи Комисијата за заразни болести да продолжи да ги известува Владата, Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи и Кризниот штаб, за епидемиoлошката состојба со корона вирусот, за да се планираат идните чекори во превенцијата и справувањето со ситуацијата.

Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи до наредната седница да достави информација како се спроведуваат мерките што ги одреди Кризниот штаб.

Како еден од заклучоците на оваа седница е и одлуката да се воспостави соработка со Црвен Крст на Република Северна Македонија и да се повикаат нивните волонтери да асистираат на граничните премини во анкетите на лицата што влегуваат во земјата во соработка со припадниците на граничната полиција.